Македонија
18. April 2020 - 14:23

Полицискиот час не го почитувале 77 лица

77 лица не ја почитувале забраната за движење во првата ноќ од најдолгиот, 85-часовен полициски час досега. Полицијата привела 46 лица, а за останатите 31 земени се податоци и ќе следуваат соодветни мерки.

Меѓутоа, освен самото прекршување на полицискиот час, МВР вчера регистрирала и други кривични дела.

-Вчера вечер во 22:00 часот, полициски службеници од СВР Скопје во селото Побожје токму за време на забраната за движење го лишиле од слобода 34-годишниот С.К од село Кучевиште, скопско, зашто при извршен преглед кај него биле пронајдени предмети за кои постои основано сомнение дека потекнуваат од кривично дело „кражба“, вели портпаролката на МВР, Сузана Прањиќ.

Околу 16 часот, кога и почна полицискиот час, забележано е пукање со пиштол. Инцидентот се случил во Студеничани. 28-годишен маж од возило испукал проектил кон друго возило во кое имало две лица. Причинета е материјална штета, а повредени нема.

Исто така, на 15-тина минути пред полноќ се случила и сообраќајна несреќа кај Росомат откако 26-годишен маж загубил контрола врз возилото и излетал од коловозот. Со тешки телесни повреди тој е префрлен на Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Со оглед на тоа што вечерва се чека христовото воскресение, полицијата нема да ги толерира оние граѓани кои ќе одлучат да отидат во црква.

-Сите оние кои ќе ги прекршат дадените препораки ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.

Полицијата во изминатото деноноќие издало решенија за изолација на 219 лица, а 84 потпишале изјави за самоизолација. Полициски службеници вршеле контрола кај лицата во изолација и самоизолација, но не се евидентирани лица кои не ги почитувале мерките.