Македонија
13. May 2021 - 8:27

Полициски час од полноќ до 4 часот наутро, дел од ковид-центрите затворени

Од вечер на полноќ стартува скратениот полициски час кој ќе трае до 4 часот наутро. Со одлука на Владата во вторникот, рестриктивните мерки се олабавуваат до 18 мај.

Работното време на угостителските објекти е продолжено до 23:30 часот, но тие и понатаму ќе бидат отворени само на летните тераси, а исклучок од ова ограничување се угостителските објекти на Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид, како и делот за исхрана во хотелите, мотелите, хостелите и пансионите за лицата кои се сместени во овие објекти.

Од вчера со работа започнаа и вежбалните, фитнес клубовите, спортските центри, салите за вежбање и игротеките, но во овие објекти е задолжително почитување на протоколите за работа. Се дозволува и организирање на инвент настани, но за нив, ќе важат истите протоколи од претходно, односно до 30 проценти исполнетост на капацитетите во внатрешноста на објектите и до 50 проценти исполнетост на отворен простор. Спортските настани и понатаму ќе се организираат без физичко присуство на публика.

Како дел од олабавувањето на мерките е и укинувањето на забраната за користење на годишни одмори за здравствените работници и зголемувањето на бројот на деца во градинките. Согласно одлуката на Владата, дозволено е бројот на деца во воспитните групи до две години да се зголеми на 15, а кај воспитните групи од 2 до 6 години на 20 деца.

Предлогот за олабавување на мерките во понеделникот го донесе Комисијата за заразни болести врз основа на епидемиолошката состојба, односно намалениот број на новозаразени и ослободувањето на поголем дел од болничките капацитети.

Поради намалениот број пациенти со Ковид-19 од вчера изутрина се затворени ковид – центрите во неколку клиники во Скопје и дел од капацитетите за ковид пациенти во болниците во другите градови. Затворени се ковид – центрите на клиниките за кардиологија, за ОРЛ, за очни болести и Институтот за физикална терапија.

Од почетокот на неделава без ковид – пациенти се и Клиниките за урологија и Пластична хирургија кои веќе почнаа со редовен хируршки програм. Во петок ќе се затвори и ковид – центарот на Клиниката за трауматологија при ТОАРИЛУЦ, а од понеделник Клиниката за ортопедија и Клиниката за трауматологија почнуваат со редовен хируршки програм, соопшти вчера Министерството за здравство.

На инфективните одделенија во Скопје и во болниците во другите градови се лекуваат 649 пациенти со Ковид-19 и има околу 900 празни болнички кревети во ковид – центрите.

Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, регистрирани се 150 нови случаи со Ковид-19. Пријавени се вкупно 16 починати пациенти, од кои најмладиот е 50-годишен скопјанец. Регистрирани се и 487 оздравени пациенти

Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 154.372, бројката на оздравени пациенти е 139.266, на починати е 5.151, а бројот на активни случаи изнесува 9.955.

Вакцинацијата, како што вчера соопшти Министерството за здравство, се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација, велат, секојдневно се зголемува, а досега 318.793 граѓани изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk.

На граничниот премин Меѓународен аеродром „Скопје“ вчера пристигнаа и шест илјади дози вакцини против Ковид-19, донација од Владата на Република Унгарија. Донацијата ја примија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Овие вакцини ќе бидат наменети за имунизација на припадниците на МВР, поточно за Граничната полиција, која согласно надлежностите и обврските е во поголема мерка изложена на предизвиците од актуелната глобална пандемија со Ковид-19.