Македонија
12. October 2021 - 16:38

Полицијата истражува кој во домашни услови ја лекувал од ковид починатата пациентка

Без црно на бело што терапија добиваат, позитивни на ковид никако да не прифаќаат лекување во домашни услови. Овој апел доаѓа од државниот санитарен и здравствен инспекторат по сомнителната смрт на пациентка која дома ја третирал непознат лекар со инфузиони раствори за кои не оставил пишана медицинска белешка. Жената починала само неколку часа по прием во болница каде стигнала во многу лоша состојба. Инспекторите од ДСЗИ случајот го пријавиле во МВР по нивниот наод на терен дека болната од матичниот лекар имала само пропишано таблетарна антибиотска терапија.

- Пациентката потоа никогаш не побарала преглед или совет од матичниот лекар и дека не е познато кој, на сега веќе починатата и давал терапија и притоа не оставил никаков пишан документ или извештај, пишува во соопштението од инспекторатот.

Случајот во ДСЗИ го пријавил лекар од ковид центарот кој ја примил пациентиката, а блиски роднини на починатата ги навеле сите лекови кои и биле давани. 

Предупредувањето како што посочуваат од инспекторатот е со цел да ги заштитат граѓаните. А дека во овој бран има масовно самолекување и освежување со инфузии во домашни услови потврди и директорката на Инфективна. Стевановиќ вели тоа само дополнително ја влошува состојбата.

-Она што во овој бран го забележавме е масовно самолекување на пациенти дома и добивање на инфузии за освежување. Со освежување не се лекува Ковид-19. Тоа е многу погрешно и доаѓаат во многу тешка состојба за прием. Мора соодветен третман, навремено и соодветно следење на болеста идејќи дома никој не знае дали настанала супербактерија или има цитокинска бура, вели др. Милена Стевановиќ, директор на Инфективна клиника.

За починатата пациентка засега е нејасно како не е познат здравствениот работник кој ја аплицирал терапијата кога семејството ги дале сите информации за лековите што ги примала. Но од ДСЗИ велат во интерес на постапката која не е завршена нема да даваат други информации.