Свет
28. July 2017 - 18:44

Полициец убиен за време на 48-часовниот штрајк во Венецуела, досега 113 жртви во протестите

Полицаец бил убиен во текот на вчерашните демонстрации, организирани во рамки на 48-часовниот штрајк во Венецуела, пренесоа француските медиуми, повикувајќи се на венецуелското обвинителство.

Униформираниот полицаец бил застрелан во градот Ел Ехидо, во западниот дел на земјата. Во друг протест во истиот град претходната вечер беше убиен 30-годишен маж.

Со ова последно убиство, бројот на загинати од почетокот на генералниот штрајк, во средата, се зголеми на осум, а од почетокот на протестите во Венецуела, во април, дури  113, посочува обвинителството.

По  дводневните протестни настани античавистите ги повикаа своите сонародници до недела, за кога се закажани избори за Уставотворно собрание, да ги блокираат улиците по градовите низ цела земја,  и покрај тоа што владата ги забрани демонстрациите.

Министерот за внатрешни работи, Нестор Реверол, вчера предупреди дека на прекршителите им се закануваат казни од пет до 10 години затвор.

Опозициската коалиција „Тркалезна маса за демократско единство“, меѓутоа, соопшти дека ќе ја пренебрегне забраната и своите поддржувачи ги поттикна да излезат на улиците и „да ја преземат Венецуела“, посочи ДПА.

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, се обидува да ги намали тензиите и предложи дијалог со своите противници пред изборите, иако паралалено со тоа изјави дека има намера уставната реформа да ја истурка до крај.

Меѓу клучните барања на опозицијата се Мадуро да се повлече од власта, да се прекинат уставните реформи и да се свикаат нови избори.