Македонија
27. јуни 2020 - 12:18

Поголемите хотели и казина во Гевгелија ќе работат од 1 јули

Дозвола за работа добија со владина одлука, но вратите за гостите хотел казината „Аполонија“, „Фламинго“ и „Принцес“ официјално ќе ги отворат на 1 јули.

Од таму информираа дека до тогаш се подготвуваат за примена на заштитните мерки против Корона вирусот и адаптирање на собите и просториите за работа според пропишаните мерки во протоколот.

Ќе се става ред на влез во казината, доколку се собере поголем број гости, ќе се внимава на социјалната дистанца меѓу сите присутни внатре, се поставува плексиглас заштита помеѓу апаратите за игра со што играчите ќе бидат одделени еден од друг, ќе се користат заштитни маски и визири од страна на вработените, како и заштитни маски од страна на гостите. Пред влезот и во сите внатрешни простории ќе има средства за дезинфекција, велат од казината.

Сметаат дека до први јули ќе имаат доволно време да се подготват и да ја рестартираат работата која три месеци беше во мирување поради пандемијата од Ковид-19.

На први јули ќе стартуваат повторно со надеж дека најбројните гости од нашиот јужен сосед, кои вчера на отворање на границата ги имаше во многу мал број, сепак ќе се охрабрат да дојдат во поголем број да си ја пробаат среќата.

Во моментот во Гевгелија работат само автомат клубовите и помалиот хотел „Скај“ кој се наоѓа меѓу бензинската пумпа на „Лукоил“ и казиното „Принцес“.