Македонија
19. September 2019 - 16:24

Поднесено обвинение за убиството на младиот Пино

Анѓела Ѓорѓиевска помогнала во убиството на нејзиниот пријател Пинета Секондо. Обвинителството ја заврши истрагата за случајот со Пино. Ја товари 22- годишната девојка за соучесник во кривичното дело, а другиот осомничен 27-годишниот Али Фуркан се уште е во бегство и за него нема обвинение.

Во обвинителниот акт е наведено дека Анѓела на 11 декември договорила сите тројца да се сретнат кај насипот во Ѓорче Петров. Пино и Фуркан кој со себе носел и пушка дошле со различни коли. Потоа тројцата влегле во автомобилот на Пино и заминале кон Арачиново каде на една нива почнале да се расправаат и тепаат. Во еден момент Фуркан со пушката го застрелал Пино во главата.

-Обвинетата дала особен придонес кон извршување на делото, така што овозможила да се сретнат, иако знаела за нивната меѓусебна нетрпеливост. Таа го повикала оштетениот, била присутна во моментот на неговото лишување од живот, а потоа заедно со другиот осомничен го ставиле телото на починатиот во багажникот на возилото. Заедно тие се упатиле кон гробиштата во селото Сингелиќ, а потоа се движеле низ планината кон Љуботен. На едно место здогледале дупка, па обвинетата и нејзиниот соизвршител го оставиле телото во дупката, покривајќи го со ќебе, наведено е во обвинителниот акт.

Телото беше пронајдено кон крајот на април. Мајката со месеци го бараше Пино. Организираше и протести.

Додека Фуркан не е достапен за истражните органи, Ангела скоро 4 месеци е во притвор. Обвинителството бара мерката да и биде продолжена зошто и таа може да избега или да ги уништи и сокрие доказите за убиството бидејќи ниту оружјето ниту автомобилот се уште не се пронајдени.