Македонија
30. March 2021 - 17:02

Поднесени измените на изборниот законик - Што е договорено а за што ќе се преговара?

Одложување на локалните избори и употреба на читачи на отисоци. Пратениците го поднесоа предлог-законот за измени на Изборниот законик откако вчера лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Заев и Мицкоски си подадоа рака.

Министерот Маричиќ појаснува дека измените за скенерите за отисоци се потребни за да се прецизира нивната набавка и да утврди нивната употреба на локалните избори.

-Тој текст на овие измени е целосно подготвен и може да биде веднаш на првата наредна седница, зависно од агендата на Собранието. За тоа ќе одлучи претседателот на Собранието, во координација со пратеничките групи, рече министерот за правда.

Пратеникот Милошоски вели дека овие измени ќе придонесат во зголемување на довербата во изборниот процес.

Пратениците ќе разговараат и за промена на изборниот модел. Милошоски вели дека за ВМРО-ДПМНЕ прифатливо е градоначалници да се бираат само во еден круг.

-Сметаме дека најголемите, условно кажано, изборни девијации или злоупотреба на државни ресурси се случува токму помеѓу првиот и вториот изборен круг за градоначалник. Доколку тоа биде прифатено од владејачкото мнозинство ние ќе исто така би имале поголемо расположение и добра волја да согледаме и да прифатиме некои од барањата на партиите кои се дел од мнозинството.

За малите партии клучно е на маса да се стави нивното барање. Промена на изборниот модел со што Македонија би станала една изборна единица. Таква иницијатива веќе поднесоа неколку мали политички партии.

-Тоа би било делумно прифатливо да се бираат во еден круг наместо во два. Меѓутоа, болната тема за нас и верувам и за повеќе политички партии, верувам е едната изборна единица која никој не ја споменува. Јас мислам дека и во овој налет на брза промена на Изборниот законик тоа ќе биде заборавено, што за мене е застрашувачки, вели пратеникот Димитар Апасиев.

Од владејачката СДСМ појаснуваат дека засега договорени се само измени на терминот за локалните и употребата на читачи за отписоци, но за се друго може да се разговара. Пратеничката Ванчева сепак без конкретен одговор дали за нив е прифатливо градоначалниците да се бираат во еден круг, но вели дека ако има консензус ќе дадат поддршка.

-Сите предлози што се однесуваат за промена, измена на ИЗ треба да го следат демократскиот дух и да бидат донесени од сите релевантни политички чинители. За нас е пресудно да имаме консензус во она што значи демократски избори во нашата држава, вели пратеничката Снежана Калеска Ванчева.

Согласно измените локалните избори ќе се одржат или на 24 или на 31 октомври.