Македонија
6. January 2021 - 16:36

Под притисок на јавноста ДУИ бара казни за своите функционери - Кој бил мотивот на човекот кој го пријави роденденот на Ахмети во МВР?

ДУИ побара своите високи функционери да бидат соодветно казнети поради роденденската прослава на лидерот на партијата во новиот објект на Министерството за политички систем на Артан Груби. Овој став на партијата доаѓа откако два дена во јавноста има остри реакции поради роденденската забава.

Оттаму велат ќе сносат целосна одговорност за настанот и се подготвени да се соочат со последиците.

-Покрај тоа што се грижиме за нашето лично и семејно здравје, но и за јавното здравје, ние како претставници избрани од народот мора да бидеме пример и да дејствуваме исто како и сите жители на нашата држава. Навистина жалиме што во овој случај не бевме во екот на нашата посветеност, велат од ДУИ.

Во меѓувреме, активистот Марјан Ненов одлучи да поднесе кривична пријава против 15-те функционери за да покаже дали системот функционира за сите или се казнува само обичниот народ. Бара Законите да важат за сите и да престане праксата на селективна правда.

-Тоа е пред се граѓански револт на обичен граѓанин кој што бара од институциите да не постапуваат дискриминирачки, односно Законите да важат за сите, а не само за обичните граѓани. Затоа и отидов во полициска станица, кога ја плаќав мојата казна, што ме казнија за неносење маска во моето сопствено возило, истовремено, си реков да поднесам и Кривична пријава против одредени лица кои ги видов на Фејсбук дека слават и се групираат, а тоа е кршење на Кривичниот законик, вели Ненов.

И МВР ќе истражува дали функционерите од ДУИ ги почитувале протоколите и мерките за време на забавата за Ахмети. Полицијата практично ќе треба да утврди дали да го казни вториот човек во Министерството, Назим Буши кој исто така е на фотографијата и не носи заштитна маска.

-Министерството за внатрешни работи согласно своите надлежности постапува по пријава во врска со која е известен Јавен обвинител и по добиените насоки од него, презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот, по што ќе следуваат соодветни поднесоци, велат од полицијата.

Од Јавното обвинителство велат дека пријавите ќе бидат процесиурани и ќе се постапува по нив.

На денот на преземањето на новиот објект од страна на Министерството за политички систем, функционерите од ДУИ во просториите на објектот го прославија роденденот на Ахмети. Вчера и Груби и министерот Османи, кој ја објави фотографијата, тврдеа дека немало никаква прослава, а маските ги тргнале само за да се фотографираат.