Македонија
10. August 2020 - 13:38

Почнува пријавувањето на штетите од поплавите во кочанско

Од денеска, па во наредните десет дена ќе трае пријавувањето на штетите кај земјоделските површини и во домаќинствата од поплавите во Кочанско што минатата недела беа предизвикани од обилните дождови.

Во локалната самоуправа се одржа работна средба на која градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев со претседателите на месните заедници и со претставници на земјоделците од најпогодените села Горни Подлог, Долни Подлог и Грдовци ги договараше можностите за обесштетување.

-Ние сме подготвени да им помогнеме на луѓето со мерки за ублажување на последиците од невремето, за што веќе имаме комисија која ќе прави проценка на штетите. На средбата заклучивме дека мора заеднички да бараме начини за ефикасно справување со ситуацијата, но и да работиме на понатамошно отстранување на причините што доведоа до излевање на водата и поплавувување на нивите и домовите. Овде пред сè мислам на подигањето на јавната свест да не се исфрла шут и друг отпад во одводните канали. Секако дека одговорност за причините кои доведоа до поплавите не треба да се бара само кај граѓаните, туку и кај институциите, но во моментот најважно е да им помогнеме на земјоделците и на домаќинствата кои претпреа најголема штета, истакна градоначалникот Илијев.

На состанокот во Општината земјоделците посочија и на узурпацијата на земјиштето околу и во каналите за наводнување и одводнување, поради што тие се со намален капацитет и не можеле да ја приберат надојдената вода.

И од Општина Чешиново-Облешево информираа дека е активирана Комисијата за проценка и утврдување на штети од елементарни непогоди, при што граѓаните треба да достават пријава со копија од имотниот лист и од личната карта.

Проценките се дека за едно деноноќие, меѓу 6 и 7 август, во кочанскиот регион наврнале околу 130 литри на метар квадратен, а водата се излеа во земјоделските површини и направи стопроцентна штета кај градинарските култури, но и во домаќинствата.