Македонија
21. October 2016 - 8:43

Почнува четвртиот Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“

Петнаесет филма (по пет во категориите: Јуниори, Кадети и Сениори) се во официјалната селекција на 4. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“ кој ќе се одржува од денеска до 26 октомври со поддршка на Агенцијата за филм на Република Македонија и „Giffoni Experience“ од Италија.

Во Кинотеката на Македонија ќе бидат активностите од програмата за јуниори (деца од 10 до 13 години), а кадетите (14-16 години) и сениорите (16-18 години) настаните ќе ги следат во Младинскиот културен центар. 

Во кино „Милениум“ ќе биде свеченото отворање на фестивалот (во 19.30 часот со филмот „Италијанска трка - брз како ветрот“ на Матео Роверо) и затворањето и прогласувањето на победниците на 26 октомври.

На програмата на фестивалот се филмови од Италија, Германија, Русија, Шведска, Данска, Шпанија, Бразил, Непал, кои биле на најпознатите и најголемите меѓународни филмски фестивали, како и на фестивали посветени на младите. 

- Се надевам дека младите преку овие филмови не само што ќе се забавуваат, туку ќе имаат и убави теми за дискусија кои ги допираат нив, рече на прес-конференција Дарко Башевски, извршен директор на „Џифони Македонија“ и официјален преставник на „Giffoni Experience“ во Република Македонија. 

Интернационалното жири на фестивалот ќе биде составено од околу 550 деца и млади поделени во три старосни категории, а покрај од Македонија ќе опфати и повеќе од 50 млади од Италија, Хрватска, Србија, Романија, Грузија, првпат од Азербејџан, САД, Велика Британија и од Албанија.

На фестивалот ќе има и гости од два филма - од турскиот „Син велосипед“ и од рускиот „Кутија“. Покрај 15-те филмови во натпреварувачката програма, на четвртиот „Џифони Македонија“ ќе има и ревијална програма со два македонски играни филма („Превртено“ и „Панкот не е мртов“), четири кратки македонски филмови и пет анимирани од Италија.

И годинашниот „Џифони Македонија“ ќе има богата едукативна програма со вкупно десет работилници (четири за јуниори и шест за категоријата сениори и кадети). Меѓу работилниците, за кои младите во изминатите фестивалски изданија покажуваат голем интерес, ќе има за техниката на анимација, за авторски филм, филм во еден кадар, за документарен филм... на кои ментори  ќе бидат експерти од Македонија и од Хрватска (за документарен филм и за филм во еден кадар). 

По завршувањето на фестивалот, на 27-ми и на 28 октомври „Џифоми Македонија“ ќе организира и проекции за децата на Детската клиника кои ќе бидат синхронизирани и приспособени на нивната возраст.

Со новата тригодишна спогодба потпишана оваа година со „Giffoni Experience“ во Италија, на Агенцијата за филм на РМ и е доверено правото брендот и логото на „Џифони‘‘ на територијата на Република Македонија да продолжи да го користи до 31 декември 2018 година.