Македонија
23. July 2018 - 19:18

Почна работната акција „Скопје на нашите дланки“

Почна работната акцијата „Скопје на нашите дланки“ по повод 55 години од катастрофалниот земјотрес во главниот град.

Почетокот го означи градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски, кој е и претседател на одборот на акцијашите. Со негова поддршка се реализира настанот, кој е во организација на здружението на граѓани „Акцијаши - Скопје“.

Од денеска па се до 26 јули, во периодот од 8 до 12 часот, ќе се уредува просторот во студентскиот кампус и факултети во општина Гази Баба. Почетокот е од ова место затоа што акцијашите по земјотресот во 1963 го имаат изградено студентскиот дом „Стив Наумов“ во една од работните акции за обнова на градот Скопје.

Учествуваат голем број акцијаши од Македонија, но и од Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, кои во Скопје пристигнаа со воз.

Целта е акцијашите заеднички да придонесат во расчистувањето на Скопје, а со тоа и младите да продолжат по стапките на возрасните.  Здружението „Акцијаши“ ќе одбележи уште два големи јубилеја на доброволното младинско работно ангажирање - 70 години од работната акција за изградба на браната и хидроцентралата „Вруток“ - „Маврово 48“ и 40 години од изградбата на автопатот „Братство и единство“.