Балкан
10. December 2019 - 15:14

Почна преместувањето на мигрантите и бегалците од Вучјак

Денеска почна преместувањето на групата мигранти и бегалци од прифатниот центар Вучјак кај Бихаќ, по што кампот би требало во целост да биде затворен, јави Ал Џезира Балканс.

Мигрантите и бегалците кои престојуваат во кампот Вучјак привремено ќе бидат преместени во центарот Ушивак додека не се адаптира касарната Блажуј кај Сараево, каде би требало сите да бидат преместени.

Според податоци на Црвениот Крст во Бихаќ, повеќе од 600 лица се сместени во кампот од отворен тип Вучјак, во кој мигрантите секојдневно доаѓаат и си заминуваат од него.

Комесарката за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ претходно ги повика властите на Босна и Херцеговина под итно да ги преместат мигрантите од капот за да се избегне хуманитарна криза, а сличен апел претходно упатија и од Делегацијата на Европската унија во БиХ и Канцеларијата на специјалниот претставник на ЕУ во БиХ.

Мигрантите и бегалците во Вучјак престојуваа под најлонски шатори, без вода за пиење и струја, и им се закануваше опасност од зараза и смрзнување.