Македонија
11. November 2016 - 14:20

Почна 4.Меѓународен научен симпозиум „Денови на Јустинијан I”

Четвртиoт меѓународен научен симпозиум „Денови на Јустинијан I” почна денеска во Скопје, во организација на Универзитетот „Евро-Балкан“ и Универзитетот во Болоња, во партнерство со Институтот за национална историја и со поддршка од Министерството за култура.

Претседателот на Меѓународниот организациски и научен комитет, Митко Б. Панов во обраќањето пред присутните рече дека традиционалноста претставува клучен сегмент од историската меморија и културното наследство на секој поединец, група, нација, цивилизација, означувајќи ја преносливоста на потврдените вредности негувани и сочувани како трајна придобивка.

Обединувачката компонента, меѓународната препознатливост на симпозиумот со кој се одбележуваат Деновите на Јустинијан, истакна, најдобро е рефлектирана преку овогодинешното интегрирање на учесниците од 15 земји, што го вклучува и континуираното проширување на меѓународниот научен комитет со ново членство.

Според него, ваквата констатација претставува најдобар индикатор за значењето и потребата од етаблирање традиционален научен форум за проучување и презентација на византиското и средновековното наследство како трајно обележје и обединувачко богатство на културниот диверзитет на Европа.

Нагласи дека годинава како специјална тематска целина на меѓународниот симпозиум е „Византиското мисионерство и придобивките за Европа“, со што се одбележува 1100-годишнината од упокојувањето на големиот светител и просветител Св.Климент Охридски.

- Смпозиумот ќе настојува да ги реинкарнира средновековните феномени на мисионерството, религијата и идеологијата, претендирајќи да ги аргументира и поткрепи научните сознанија за контиунираните контакти, интеракција меѓу Истокот и Западот, меѓу различните религии и култури и народот, додаде Панов.

Амбасадорот на Италија во Македонија, Карло Ромео укажа на значењето на симпозиумот кој, како што рече, ги обединува не само скапоцените научни достигнувања при истражувањата посветени на големата византиска цивилизација и ликот на Јустинијан I, туку претставува и важен потсетник за нашите заеднички традиционални, културни и религиозни врски, основа и индентитет на нашата европска и медитеранска цивилизација.

Државниот советник на Министерството за култура, Диме Маџовски истакна дека од особено значење е што со оваа конференција даваат и придонес кон одбележувањето на 1100-годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски.

- Присуството на 50 реномирани професори и научници од 15 земји од светот е убава можност на овој симпозиум да се презентираат најновите истражувачки сознанија на овие значајни теми во Македонија, Балканот и Европа. Меѓународниот научен симпозиум претставува само еден од низата настани кои изминатите години го дефинираат нераскинливото пријателство меѓу Република Македонија и Република Италија, рече Маџовски.

Додаде дека симпозиумот и сите останати активности кои ќе се реализираат во наредниот период ќе ги продлабочат нашите културни врски со Република Италија, но и со цела Европа.

На првиот ден од симпозиумот беше промовиран и Зборник на трудови од третиот симпозиум, приреден од проф. д-р Елизабета Димитрова.