Македонија
16. јуни 2016 - 16:13

Почина родилка на КАРИЛ, транспортирана од кумановската болница

Tриесет и седумгодишна родилка од Крива Паланка починала вчера во 15.40 откако претходно била упатена од кумановската болница  кон  Ургентен Центар Карил во Скопје. На родилката и била дадена анестезија, по што таа не се разбудила и со возило на Итна Помош била препратена кон скопските клиники. Родилката не ни стигнала до Скопје бидејќи веќе била мртва во возилото на Брза Помош.

Случајот бил пријавен во СВР Куманово во 20 часот. Основен јавен обвинител наредил обдукција на телото.

Преземени се сите мерки и активности за да се спаси 37-годишната родилка од Крива Паланка, соопштија денеска на прес-конференција лекарите и менаџерскиот тим од Кумановската општа болница.

Директорот на болницата Ариф Латифи посочи дека родилката се породила со царски рез во 12 часот и оти операцијата поминала во вообичаен тек, но настанале потешкотии при будењето иако биле преземени мерки да се подобри дишењето.

Поради тоа е одлучено родилката да се транспортира  до терцијална здравствена установа и во придружба на стручен тим е префрлена на Клиниката за КАРИЛ во Скопје.

- На Одделот за интензивно лекување на КАРИЛ направена е кардиопулмонална ресустација која траеше повеќе од 20 минути. Но, и покрај преземените активности, пациентката почина на КАРИЛ во 15:40 часот, рече Латифи.

Според него, смртта на родилката не настанала како последица на лекарска грешка.

Анестезиологот Билјана Петрушевска истакна дека иако биле следени процедурите немало соодветен одговор од пациентката и оти првично ништо не укажувало дека ќе има ваков исход.

Началникот на Гинеколошкото одделение доктор Нисо Тасов нагласи дека се почитувани сите протоколи и оти нема грешка кај гинеколозите и анестезиолозите. Тој соопшти дека во моментов кај нив се присутни комисија од терцијална клиника и од Министерството за здравство.

Случајот е пријавен во МВР и ќе се чека на обдукацијата која ќе ги покаже причините за смртта на родилката.

- Комисија за унапредување на здравството од болницата ќе го следи случајот и ако има лекарска грешка ќе се преземат мерки, но засега ништо не укажува на тоа, истакна директорот Латифи.

Доктор Лидија Јовчевска информираше дека новороденчето на родилката, која е нејзина седма бременост, е во добра здравствена состојба.

Претходно, за медиумите изјава даде и сопругот на родилката Елвис Јусуфов, со која тие живееле во вонбрачна заедница. Според него, неговата сопруга имала уредна бременост која ја водел гинеколог од Крива Паланка. И тој рече ќе ги почека резултатите од обдукцијата за да дознае која е причината за смртта на неговата сопруга. Нагласи дека нема услови сам да одгледува бебе и дека веќе се грижи за трите деца од првиот брак на сопругата.