Македонија
6. April 2021 - 16:40

Почина овчарот од кратовско Емирица, ЦУК утврдува дали институциите направиле пропуст

Почина 63-годишниот овчар кого екипа на итната медицинска помош од селото Емирица пет часа на раце го носеше по тежок планински терен за да му се пружи лекарска помош во здравствена институција. Од штипската болница за Сител велат дека пациентот рано изутрина во 7 часот им подлегнал на повредите.

- Тука му се направени сите испитувања и следувања. Направена е компјутерска томографија каде што е констатирано мозочното крварење, по изјавата на неврохирургот, без можност хируршки да се интервенира. Така пациентот беше задржан неколку дена на хируршкото одделение, како што ви кажав, бил во коматозна состојба, стабилен неколку дена, но критичен за сабајлето да подлегне сите тие повреди кои што ги имал, вели Шуманска за Сител.

Денеска почна со работа Комисијата на Центарот за управување со кризи која треба да утврди дали имало пропусти во работењето на вработените или на другите надлежни институции. ЦУК барале теренско возило, но не и хеликоптер бидејќи оперативецот не бил обучен самиот да донесе одлука дали во мисијата треба да се вклучи и летало.

Д-р Павле Зафиров, кој ја предводел спасувачката мисија на Фејсбук објави дека помош за транспортот барале од институциите, но не ја добиле. Вчера институциите „играа пинг-понг“ префрлајќи ја одговорноста за случајот.

Градоначалникот на Кратово Бојаџиев рече дека можело да се испрати трактор на помош, но тоа не било сторено бидејќи немало логика оти ќе се загубело драгоцено време.

Претседателот Пендаровски, пак, рече дека Армијата воопшто не била информирана за случајот, а доколку биле запознаени веднаш ќе испрателе хеликоптер и специјална единица обучена за планинско спасување.

Одговорност и итно расчистување на случајот побара Хелсиншкиот комитет.