Македонија
7. October 2021 - 15:26

Почина новинарот Трајче Јованов

На 60-годишна возраст по кратко боледување почина новинарот Трајче Јованов. Повеќе од 40 години беше дел од збиднувањата во Штип и неуморно известуваше за нив. Тој утринава почина во Клиничка болница-Штип.

Јованов беше препознатлив по својот глас на Радио Штип, чиј дел беше се до неговото затворање, а новинарската кариера ја продолжи во радиото Енџелс ФМ. Беше дел и од тимот и на регионалната телевизија Стар.

Јованов на новинарите, но и на македонските интерпретатори е познат и по тоа што беше долгогодишен соработник на Фестивалот за забавна музика „Макфест“. Во прес-службата на фестивалот „Макфест“  беше од 1988 година.

Во младоста Јованов, беше активен и политички. Еден период беше секретар на социјалистичка младина, а беше и член на првиот Совет на Општина Штип по осамостојувањето на Македонија.

Покрај новинарството, тој имаше и уште една голема љубов – актерството. Почетоците му се во Драмското студио при Домот на културата во Штип. Тој неуморно аматерски учествуваше во монодрами и претстави.