Македонија
2. July 2017 - 16:05

Почина и сопругата на убиецот од Бутел

78-годишната П.Т. е третата жртва која им подлегна на повредите по вчерашната крвава драма во скопската населба Бутел. Таа починала утрово, откако лекарите не успеале да ја спасат од огнострелната повреда во пределот на грлото што и ја нанел нејзиниот сопруг.

Нивната ќерка која исто така има повреди во пределот на главата, сеуште се бори за живот.

Истрагата на МВР досега утврдила дека 84 годишниот П.Т. кој бил поранешен полицаец од засега неутврдени причини со својот пиштол „Берета“, кој го поседувал со дозвола, испукал еден куршум во правец на неговата сопруга, а потоа пукал и кон неговата ќерка.

Откако слушнал што се случува, во ходникот од куќата влегол и неговиот 32 годишен внук. Во тој момент, од страна на П.Т. тој бил погоден во пределот на главата при што поради тежината на повредите починал на самото место.

На крајот, убиецот со пиштолот си пукал во главата и се самоубил.

Екипата од Итна медицинска помош по пристигнувањето веднаш констатирала смрт кај внукот и дедото, додека неговите сопруга и ќерка биле пренесени во Клиничкиот ценар за укажување на лекарска помош.

По наредба на ЈО телата на починатите се пренесени во Институт за Судска медицина и се работи на целосно расчистување на случајот.

Ова е втора ваква семејна трагедија во само една недела, по тројното убиство и самоубиство во скопската општина Сарај, кое случи на Рамазан Бајрам.