Балкан
15. September 2016 - 18:41

Побарано поништување на парламентарните избори во Хрватска

Граѓанското здружение „Коректив“ и 18 хрватски политички партии денеска побараа поништување на неделните предвремени парламентарни избори во Хрватска и оставка на претседателот на Државната изборна комисија (ДИП), Бранко Хорватин.

Претставникот на „Коректив“, Дарко Петричиќ на прес-конференција во Загреб изјави дека ваквите барања на здружението и на партиите ќе бидат доставени до ДИП, до Етичкиот комитет и до меѓународните институции.

Петричиќ обвини дека на набљудувачите на „Коректив“ не им бил дозволен пристап во Изборната комисија, како и увид во Избирачкиот список и резултатите од изборите.

Тој истакна дека „Коректив“ и партиите бараат оставка од престедателот на ДИП поради манипулирање со медиумите и јавноста и пореди оневозможување на цивилен надзор на изборниот процес.

Според Петричиќ, Хорватин и Комисијата придонеле за одржување на нетранспарентни избори и оневозможеле мониторинг на набљудувачите на граѓанските здружение на изборниот процес и на обработката на гласачките материјали.

Петричиќ ја обвини и државната Хрватска радиоттелевизија (ХРТ) дека не обезбедила рамноправно претставување на учесниците на изборите, туку само ги фаворизирала поголемите политички партии и коалиции,

- ХРТ не беше етична и правична во рамноправното претставување на сите кандидати на парламентарните избори, изјави Петричиќ.