Балкан
10. April 2017 - 10:22

По тимовите стапки: Дали Пленковиќ и Владата ќе издржат до летото?

Нови Лист – Риека

Владата на Андреј Пленковиќ може многу брзо, многу побрзо од очекувањата да се најде пред реалната опасност од сопствен пад.

А до пред некој месец работите изгледаа како од бајка.Економијата, пред се благодарение на господинот Марио Драги (гувернер на Европската централна банка), имаше забрзан раст. Негодувањета на внатрепартиската десница беше слабо. Мост се помири, СДП губеше, а обидот за оставка на министерот за наука и образование, обвинет за плагијат на научниот труд, успешно го прикри апсењето на пратеникот на СДП Томислав Сауч.

Дури, се чинеше дека падот на Сауч ќе доведе и до големи проблеми на Зоран Милановиќ, кој и надвор од политиката очигледно претставува камче во чевелот на ХДЗ.

А потоа се се урна.

Сауч денес иронично го чита Кафка од собраниската клупа во која се врати. Десницата на ХДЗ се заканува на изборите во главниот град да го збрише кандидатот на Пленковиќ и да ја претвори приказната за локалните избори само во увод. Тенкото коалициско мнозинство забрзано се троши, освен партиските десничари, се „посомнителни” стануваат и Мост и СДСС. Имено, Пуповац повеќе не зборува за „политичари што се плаќаат со суво злато”, туку ултимативно бара отстранување на плочата со усташки поздрав од Јасеновац.

Мост е нервозен, ужасно нервозен поради законот кој го поддржаа во Собранието. Агрокор е во вртлог на пропаст, на самиот раб на банкрот, кој лесно може цела држава да ја однесе во рецесија. Законот кој го изгласаа ХДЗ и Мост, пред се јавно се доживува како „спас на Тодориќ”, иако тоа веројатно е избрзан заклучок. По ѓаволите, дури и рејтингот на СДП почна да расте.

За некои од овие работи, Пленковиќ навистина воопшто не е виновен (како што воопшто не е заслужен ни за досегашните добри стопански податоци). Меѓутоа, за проблемите кои ги имаше и кои ќе ги има со своите двајца министри, а кои ја повлекуваат целата Влада на дното, виновник е само еден. А хрватскиот премиер секој ден го гледа во огледало.

Паво Баришиќ и Здравко Мариќ едноставно беа погрешен, кусоглед и тврдоглав избор. И едниот и другиот, од старт носеа печат на политичка компромитираност. Тоа Пленковиќ мораше да го знае уште додека уживаше во фактот дека во рацете го има мандатот за составување на Влада.

Баришиќ со себе ја имаше стигмата на пријавата за препишување во научниот труд и немаше сомневање дека тоа брзо ќе експлодира во политичка криза. Кога тоа и се случи, премиерот жестоко го бранеше во Собранието. Но, Универзитетот во Аусбург го разгледува случајот за докторатот на министерот Баришиќ, за кој стигна пријава за плагијат. Што ако ја прифати и ако министерот за науки на една држава остане без докторатот поради фалсификат на научен труд?

Се чини дека Пленковиќ непотребно и хазардерски ризикува. И да, притоа, помалку ги губи нервите, бидејќи во последните настапи е се понервозен, посебно во комуникација со опозицијата.

Но, Баришиќ е „мало бебе” за случајот со министерот за финансии. Здравко Мариќ во Владата влезе од Агрокор. Со оглед на поврзаноста со Агрокор и сите политички влади, на праксата со работењето на таа фирма со епски рокови на плаќање и на големата популарност на нејзинот Газда во јавноста, само тој факт, дека министерот дојде од Агрокор, политички е многу незгоден. Мариќ дури во обидот за „прегрупирање” минатото лето, кое доведе до пад на Владата и вонредни избори, беше кандидат на Томислав Карамарко за премиер!

Зошто на Пленковиќ му требаше во својата екипа да го задржи Мариќ, не е познато. Но, целосно е јасно дека министерот за финансии во целата приказна околу Агрокор, политички гледано, е гигантски компромитиран и дека е голем проблем на Владата. Дури и фактот дека неплаќањето на сметките експлодираше по неговите први министерски потези, е само неверојатна случајност.

Бидејќи во СДП (сепак) не „цицаат весла“, наскоро покренуваат постапка за оставка на министерот за финансии, која според своето значење, опасно се приближува кон ланската постапка за оставка на потпретседателот на Владата Томислав Карамарко. Уште полошо за Владата, гласањето за судбината на министерот Мариќ ќе се одвива во предизборната трка, само неколку дена пред локалните избори.

И јасно, прашањето над сите прашања (повторно) е како ќе се постави Мост. Дали воопшто може да се замисли дека по гласот за лекс Агрокор (кој во јавноста сосема сигурно им наштети) со своите гласови падне и „Агрокоровиот” министер во Владата? Дали Мост може воопшто такво нешто да „преживее” пред самите локални избори на кои речиси судбоносно прашање им е задржувањето на власт во местата во кои настанаа (за кое се свесни и во ХДЗ, па Дубровачко-неретванскиот жупан Никола Доброславиќ, страсно најавува дека на неговата ХДЗ победата во Метковиќ ќе биде посебно слатка). Дали е можно воопшто да се замисли дека Мост со гласот за „Газдиниот министер” ќе фрли таква граната на сопствените изборни шанси?

Тешко.

Смената на Здравко Мариќ во Собранието, со гласовите на опозицијата и на Мост, формално не би била пад на Владата, но во најмала рака ќе ја ослабе до избледеност. Секоја идна одлука би висела на многу тенок парламентарен конец и всушност, веќе би почнале да се делат карти за кампањата пред новите вонредни парламентарни избори.

Бидејќи Пленковиќ, од којзнае кои причини, но очигледно политички крајно кусогледо, жестоко овие денови застана зад Здравко Мариќ, самиот на себе го намали маневарскиот простор. Тој министерот за финансии мора да го брани до последниот здив.

Јасно, во оваа состојба само од себе се наметнува нај елегантното решение, Здравко Мариќ во интерес на државата, а секако и од лични интереси, да поднесе неоптовиклива оставка.

Ако тоа не се случи, Владата на Андреја Пленковиќ може многу брзо, далеку побрзо од очекувањата, да се најде пред реална опасност од сопствен пад.

А притоа, се ова ќе се случува во тајминг од денес со Агрокор да биде се во совршен ред. Да легне новиот кредит, да се затворат дупките, никој да не ја изгуби работата и целото хрватско стопанство да не влезе во нова рецесија.

Во овој момент, на таа „се е добро” опција, ќе се кладат само закоравените хазардери.

А Пленковиќ е се понервозен и понервозен.