Свет
25. December 2016 - 18:40

По силниот земјотрес луѓето во паника - наредена евакуација на крајбрежјето

По земјотресот со интензитет од 7,7 степени според Рихтеровата скала, што денеска е регистриран во Тихиот Океан крај јужните брегови на Чиле, чилеанските власи издадоа наредба за евакуација на крајбрежните региони.

Властите соопштија дека се очекува бреговите на Чиле да бидат погодени од цунами бранови со висина до еден метар.

Раководителот на чиленската Национална канцеларија за вонредни состојби, Рикардо Торо апелираше до жителите на регионот Лос Лагос да ги напуштат крајбрежните подрачја и да преминат на безбедни места.

Пацифичкиот центар за предупредување од цунами претхоно соопшти дека по земјотресот е можна појава на големи бранови во радиус од 1.000 километри од неговиот епицентар.

Како што соопшти Американскиот геофизички институт, епицентарот на земјотресот, кој се случил на длабочина од 15 километри под океанското дно, бил со епицентар на 225 километри југозападно од чилеанскиот крајбрежен град Пуерто Монт.  

Засега нема информации за жртви и предизвикани материјални штети. 

Претходно денеска, како што јави ТАСС, земјотрес со интензитет од 5,4 степени според Рихтер е регистиран и во северниот дел на Чиле, во близина на границата со Боливија.

Овој потрес бил на длабочина од 114 километри под површината на земјата, со епицентар 147 километри источно од градот Икике во северно Чиле.

И при овој земјотрес нема информации за жртви и предизвикани материјални штети.