Свет
28. March 2019 - 13:07

По Северното Море плута нафтена дамка кон Ваденските острови

Холандската крајбрежна стража и Управата за вода денеска продолжија со чистење на нафтената дамка кај брегот на островот Тексел во Северното Море.

Нафтената дамка вчера беше забележана на сателитски снимки и во тој момент беше на само неколку десетици километри од брегот, јавија холандските медиуми.

Од тогаш нафтената дамка полека плута кон Ваденските острови, а потеклото на загадувањето се уште не е познато.

Според податоци на крајбрежната стража, станува збор за релативно мала нафтена дамка од околу 4.000 до 17.000 литри, а нафтата во моментов се отстранува со помош на посебна опрема која прво ја собира нафтата по површината, а потоа ја вшмукува.

На овој начин можат да се исчистат само погустите делови од нафтените дамки, додека тенките слоеви на нафтата остануваат видливи на површината на водата.