Македонија
5. February 2020 - 12:52

По 10.000 денари награда за средношколците победници на натпреварот „Лидер на струка 2019“

Министерот за образование и наука Арбер Адеми денеска им ги додели дипломите на учениците победници на натпреварот „Лидер 2019“, со што тие официјално беа прогласени за лидери меѓу врсниците во својата струка.

Како што соопшти Министерството за образование и наука, на натпреварот кој се организира веќе шеста година меѓу ученици од завршните години во средните стручни училишта, натпреварувачите го презентираат своето теоретско и практично знаење од струката која ја изучуваат и тоа најпрво на ниво на училиште, а потоа и на државно ниво.

Оваа година се прогласени средношколски лидери во девет струки, во колку што и се пријавија ученици за натпреварување. Покрај дипломата, секој ученик – лидер на струка, како и наставникот кој го подготвувал за натпреварот ќе добие и парична награда од страна на Министерството за образование и наука во висина од 10.000 денари.

– Им честитам на сите победници на натпреварот и им посакувам уште многу успеси и понатаму во текот на образованието, а и потоа, што е уште поважно. Тоа што го научиле, а научиле многу, со оглед на освоените први места, посакувам да им донесе стабилен и високо платен работен ангажман во иднина, изјавил Адеми, изразувајќи благодарност и до сите останати ученици кои пројавиле интерес за учество во натпреварот.

Адеми, како што се наведува во соопштението, потенцираше дека ќе се заложи натпреварот и во иднина да се организира на највисоко ниво и со учество на што поголем број ученици. Најави и продолжување на планот за континуирано унапредување на квалитетот на стручното образование и обука, за кое, како што рече, нуди голем просперитет за секој кој ќе одлучи да се образува во некоја струка со оглед на дефицитарноста.

– Реализацијата на многу успешни мерки, проекти и активности од планот за развој, промоција и зголемување на атрактивноста на стручното образование, како подготовката на повеќе од 1.000 нови наставни програми, опремувањето на училиштата и воведувањето на концептот на дуално образование, ми даваат мотив да продолжиме со идејата за создавање современ и конкурентен образовен систем во кој стручното образование ќе биде основен столб и креатор на кадровски потенцијал кој ќе ја гради иднината на земјата, нагласил Адеми.

Оваа година во рамки на натпреварот „Лидер“ првите места ги освоија Бранкица Несторовска од СОУ „Добри Даскалов“ од Кавадарци во економско – правна и трговска струка, Марија Гуџевска од ОСУ „Ацо Русковски“ – Берово во текстилно – кожарска струка, Ангел Насев од битолското средно училиште „Ѓорѓи Наумов“ во електротехничката струка, Марко Лазаревиќ од „Димитрија Чуповски“ – Велес во хемиско – технолошката струка, Ријад Бавќари од АСУЦ „Боро Петрушевски“ – Скопје во машинската струка, Дарко Наумовски од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ – Охрид во сообраќајната струка, Ангел Атанасов од струмичкото средно училиште „Никола Карев“ во градежно – геодетската струка, Дарко Јованов од СОУ „Кочо Рацин“ во Св.Николе во земјоделско – ветеринарната струка и Стефан Аврамоски од „Ванчо Питошески“ во Охрид во угостителско – туристичката струка.