Македонија
18. July 2024 - 12:18

Пламените јазици од пожарот Серта се закануваат на штипското село Пиперово

Пожарот на штипската страна од планината Серта од вчера доцна попладне се шири низ атарот на село Пиперово. Ова е ново жариште и линијата на огнот од минута во минута се зголемува. Кризниот штаб на општината ги мобилизира расположливите ресурси за да спречат пламените јазици да навлезат во селото.

  • Екипите на ТППЕ, вклучувајќи ги и другите институции, преставници од АРМ и Македонски шуми се на терен за да спречат дополнително ширење кон населените места и колку толку контролирање и локализирање на пожарот, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип

Несомнено е дека за целосно елиминирање на огнената стихија потребна е поддршка од воздух од хеликоптери и ер трактори. Во меѓувреме на помош пристигнаа и екипите на Црвениот крст, кои во близина на село Софилари поставија водени танкови.

  • По наредба на ЦУК се одлучи да се постават вакви танкови за да можат хеликоптерите да црпат вода за гасnење и да бидат поблиску до местото на пожарот. Го пуштивме дронот за да видиме колку е оддалеченоста од активниот пожар, до нашата локација е 6 километри, што е доста блиску за да можат хеликоптерите побрзо да прават повеќе налети за гаснење на пожарот, изјави Оливер Гичевски, Црвен крст на Македонија

Танковите можат да соберат 8 тони вода, а се полнат од р. Брегалница, што значи дека капацитетот е постојан. Намерата е 2 хеликоптери да можат да црпат вода истовремено.