Македонија
14. October 2022 - 12:03

Петровска – Лекорну: Македонско-француската соработка се зацврстува

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и францускиот министер за вооружени сили Себастијан Лекорну денеска во Париз по одржување на официјалната средба, потпишаа Договорот за соработка во областа на одбраната, кој воедно е прв од ваков карактер меѓу двете земји.

Овој договор, како што соопштија од МО, следува по потпишувањето на Договорот за набавка на воена опрема од француско производство.

На средбата на Петровска и Лекорну стана збор за соработката меѓу двете министерства и за состојбите во нашата земја и во регионот. Заеднички е изразен интерес за продлабочување и проширување на билатералната соработка, како меѓу двед земји НАТО сојузници, кои денеска ја зацврстија меѓусебната соработка.

Со потпишувањето на овој договор, појаснуваат од МО, се предвидува интензивирање на македонско-француската соработка во одбраната. Договорот предвидува плодна билатерална соработка во повеќе области како меѓусебна поддршка и развој на стратегиската одбранбена политика, организација и функционирање на силите, учество во меѓународни операции, воени вежби и тренинзи, воена едукација и друго.

– Одбранбената соработка помеѓу Северна Македонија и Франција е во фаза на силен развој и во овој момент го доживува максимумот. Договорот ќе даде дополнителен инпут кон досегашната соработка во полето на воената обука и едукација на кадри од Армијата на престижните француски воени школи, како и можности за заеднички развој на способностите и вештините на припадниците на вооружените сили и развојот на интероперабилноста на армискиот полигон „Криволак”, истакна министерката Петровска на состанокот со Лекорну.

Таа ја потенцираше важноста од интензивирањето на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, како инвестиција во безбедноста и сигурноста на регионот, но и на Европа.

Како сојузници во Алијансата, потенцира Петровска, остануваме посветени во градењето на мирот, безбедноста и стабилноста на регионот. Имаме исти предизвици, посочила и треба да најдеме заеднички решенија. Клучот за безбедна и просперитетна иднина на регионот, рекла министерката Петровска, е во демократизацијата и засилената европеизација на Западен Балкан, нагласи Петровска.

– За Франција, релацијата со Северна Македонија е централна точка за односот со Западен Балкан, а придонесот што вашата земја го дава во НАТО и за ЕУ, особено го цениме, нагласи Лекорну на средбата.

За време на работната посета на Франција, министерката Петровска ќе оствари средба и со директорот на Институтот за високи студии за национална одбрана на Франција, генералот Беноа Дуре, а се предвидува и средба со претставници на француската компанија МБДИ, како и со претставници на нашата дијаспора.