Македонија
4. April 2020 - 19:51

Петмина починати, 53 нови случаи позитивни на Ковид-19

Најголем раст на бројот на заразени, но и починати  бележат здраствените власти во земјава. Регистрирани се 5 смртни и 53 нови позитивни случаи на вирусот Ковид-19, објави министерот Филипче на социјалната мрежа Фејсбук.

Двајца од починатите се во изминатите 24 часа. Станува збор за 71-годишна жена од струшкото село Лабуништа и 77-годишен кумановец кои биле хоспитализирани во исклучително тешка здравствена состојба.

Останатите три се луѓе кои починале во минатите неколку дена, а сега е потврдено присуство на коронавирусот.

Позитивни се резултатите на велешанецот кој почина пред неколку дена, но и на странец кој во Скопје живеел четири месеци. Во статистиката на Министерството за здравство вметнат е и пациент од Куманово кој почина пред два дена на Инфективната клиника, а чиј позитивен резултат бил потврден вчера попладне.

Со ова, бројот на смртни случаи во Македонија се искачи на 17.

За 24 часа по градови регистрирани се 14 позитивни случаи во Струга, 13 во Скопје, 8 во Куманово, 6 во Кочани, 5 во Штип од кои двајца се радовишани – што всушност се и првите случаи во овој град, по два во Прилеп, Тетово и Гостивар и 1 во Велес.

Во моментот на Инфективната клиника хоспитализирани се 61 пациент, а 11 се поставени на респиратори. Досега излечени се 20 луѓе.

Според статистиките, досега направени се 4.920 тестирања.