Македонија
14. January 2022 - 16:34

Петков доаѓа во вторник, опозицијата обвинува дека се кријат деталите од разговорите

Бугарскиот премиер Петков од денеска излегува од изолација, во вторник пристигнува во прва официјална посета на Македонија.

Средбата Петков-Ковачевски се најавува како ново поглавје во преговорите помеѓу двете земји, но и подготовка за прва меѓувладина седница која најверојатно ќе се одржи на 25 јануари во Софија. 

Фокус на разговорите ќе биде формирањето на 4 работни групи, првата за економија трговија и иновации; втората за инфраструктура и поврзување; третата за европска интеграција и зелени политики и четвртата за култура и образование. Нивната цел ќе биде враќање на довербата помеѓу двете страни и дефокусирање на спорот од историските прашања. 

Во пресрет на посетата, но и два дена по обвинувањата од вицепремиерот Димитров дека Владата попушта пред бугарските барања, реакциите не стивнуваат. Опозицијата и денеска прашува што содржи македонскиот одговор на бугарскиот 5+1 пакет. 

Додека Димитров обвинува за предавство, Ковачевски мудро молчи за тоа кои одговори Македонија ги дала на пакетот 5+1 кој е испратен од Софија како предуслов за поддршка за преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција. Патем оваа делегитимирана влада на СДСМ чека став од страна на Бугарија по однос на овие одговори. Иако, никој не е запознаен за што преговарале Заев, Димитров и Османи. Дали македонската јавност повторно ќе биде изманипулирана и зад декларативна заложба дека ќе се почитува Резолуцијата, Ковачевски по стапките на својот ментор Заев ќе ги подрива македонските позиции? вели Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот Маричиќ кој од понеделник се очекува да ја превземе вицепремиерската функција за европски прашања тврди дека Владата не ги крие своите позиции, ниту преговара за идентитетот и јазикот.

И покрај најавите за релаксирање на односите и нивно оддалечување од историските прашања, сепак Петков во Скопје пристигнува со документот кој пред четири дена го усвои бугарскиот Совет за национална безбедност.  

Документот во кој се потврдени цврстите бугарски позиции за македонската европска интегарција, предвидува дека ветото останува се до прифаќање на бугарските барања, без обврзување со временски рокови.