Македонија
25. September 2020 - 17:41

Петиција за спроведување итни мерки за спас на Преспанското Езеро

Повеќе граѓански здруженија, асоцијации, друштва, активисти на еколошки движења денеска покренаа петиција за спас на Преспанското Езеро, со упатени конретни барања до Владата на Република Македонија.

Во петицијата отворена за поддршка на сите граѓани што се заинтересирани за судбината на Преспанското Езеро како едно од најстарите езерото во Европа се наведува дека тој еко-систем е заборавен од сите релевантни институции и од ден на ден е во сè полоша состојба.

Со петицијата се бара неодложно прогласување кризна состојба на целото подрачје на сливот на Преспанското Езеро, итно формирање научно/техничка комисија што ќе ја проучи ситуацијата и ќе предложи итни мерки за подобрување на состојбата најдоцна за десет дена од објавувањето на петицијата.

Истовремено се бара Владата итно да иницира меѓудржавна средба на експертско ниво заедно со релевантни организации вклучени во Преспанскиот регион која координирано ќе работи на проблемот, да дефинира фазен план за спас на Преспанско Езеро со јасно утврдени рокови.

Согласно начелата од Архуската конвенција преточени во националната легислатива, информациите за планот и сите преземени активности седмично да се ажурираат на веб-страницата на МЖСПП и да бидат лесно достапни за јавноста.

Според активистите и граѓанските асоцијации потписници на петицијата, клучно е Владата да биде гарантот на неодложно и ефективно спроведување на сите договорени/утврдени активности. Тие посочуваат дека не смее заштитата и напорите за унапредување на состојбата на Преспанското Езеро да останат на хартија како, според нив, што е практика во Македонија.

Инаку, Преспанското Езеро е едно од најстарите езера во светот чија старост се проценува на три до  пет милиони години. Заедно со Охридското Езеро со кое прави една единствена, неразделна геохидролошка целина, претставува исклучително значаен локалитет во светски рамки истакнат по својот богат биодиверзитет и ендемизам. Преспанското Езеро е заштитено како Споменик на природата (IUCN категорија III; Закон за прогласување на Преспанското Езеро за споменик на природата, Службен весник 51/11), а неговиот северен крајбрежен дел Езерани (површина од 2.800 хектари; се наоѓа на потегот помеѓу селата Сир Хан и Асамати) е прогласен за Парк на природата во 2012 г. (IUCN категорија IV, Службен весник 24/12). Преспанското Езеро се наоѓа на листата на најважни орнитолошки локалитети во Европа од 2008 г., како и на најважни водни живеалишта во светот – прогласено е за Рамсарско подрачје во 1995 г. и е едно од само две во Македонија (според Рамсарската конвенција или позната како Конвенција за водни живеалишта од меѓународно значење). Во 2014 г. УНЕСКО го погласи Охридско-Преспанскиот регион за Прекуграничен биосферен резерват. Преспанското Езеро е дел од Национален парк Преспа во Албанија и Преспа Парк (формиран со заедничка Декларација на премиерите на Македонија, Грција и Албанија во 2000 г.).

Неколку децении наназад нивото на Преспанското Езеро драстично се намалува и до осум метри во длабочина што доведува до повлекување на брегот на езерото и до стотина метри. Во овој миг нивото на Преспанско е најниско од кога се вршат мерења, поточно од 1917 година.

Според потпиниците на Петицијата, последиците од таквата состојба врз биодиверзитетот и квалитетот на водата се катастрофални и може да бидат неповратни. Причината за ваквата ситуација е сложена комбинација од природни фактори, вклучително климатски промени (суши и покачени температури) и гео/хидролошки промени во подземните карстни канали преку кои водата истекува од езерото, како и антропогени фактори кои главно се однесуваат на користење вода од самото езеро и подземните води од крајбрежниот дел за наводнување, пиење и индустриски цели. Со оглед на повеќегодишниот тренд на деградација и климатската криза кои ќе продолжат во блиска иднина (се проценува дека количината на врнежи на снег и дожд во регионот ќе се намали за 30% до 2100 г.), а може и да се интензивираат, состојбата на Преспанско ќе продолжи да се влошува. Тоа го става во опасност не само опстанокот на Преспанското Езеро, туку и на Охридското, во кое приливот на свежа вода во голема мера од околу 25 отсто доаѓа директно од Преспанското Езеро.