Свет
18. December 2017 - 9:28

Пет места на кои во 2018 година би можело да избие војна

Светот останува многу опасно место, а дипломатската конфузија на Администрацијата на Доналд Трамп само придонесува за создавање на неизвесност во светот во поглед на американските намери и способности, оценува американскиот магазин „Нешенел интерест“ (НИ), во кој се посочени пет кризи кои во 2018 година би можеlе да предизвикаат судир на големите сили.

- Светот успеа да се провлече низ поголемиот дел од 2017 година без катаклизмички судири на големите сили. Во некои делови од светот (пред се во Сирија) значително се намалени тензиите. Но, на други места и онака тешката ситуација стана уште понапната, наведува американскиот двомесечник.

Во текстот на Роберт Фарли се посочуваат пет кризи - Северна Кореја, Тајван, Украина, јужното крило на НАТО и Персискиот Залив, кои следната година би можеле да преизвикаат судири меѓу големите сили.

Северна Кореја

Според НИ, Северна Кореја е најопасна надворешнополитичка криза со која се соочува светот. 

- Успехот на Пјонгјанг во развивање на балистички ракети, комбиниран со дипломатското неискуство на администрацијата на Трамп, создаде вонредно опасна ситуација. Ракетните и нуклеарните тестирања во последната деценија покажуваат дека Северна Кореја нема да попушти пред американскиот притисок. САД одговорија со дипломатска недоследност, откако високи претставници често даваа спротиставени изјави во рок од неколку часа. Ситуацијата се комплицира и поради тоа што и Пјонгјанг и Вашингтон имаат превентивни планови - САД да ги уништат севернокорејските комуникации и инсталации пред да бидат лансирани ракетите, а Северна Кореја сака да го избегне тоа. Таквата ситуација лесно може да доведе до погрешни проценки на било која страна и до потенцијална војна во која би можеле да се вклучат Јапонија и Кина, истакнува НИ.

Тајван

Што се однесува до Тајван, НИ оценува дека неодамнешните агресивни изјави на кинеските воени и дипломатски лидери навестуваат дека некои во Пекинг веруваат оти е променета воената рамнотежа во нивна корист.

Иако тоа не е став на целото раководство на Народна Република Кина, сепак е опасно. Кина исто така ја интензивира воената активност во регионот.

- САД одговорија со смиреност, осудувајќи ги кинеските чекори и најавувајќи продажба на оружје на Тајван. Сепак, Администрацијата на Трамп ги замати дипломатските води со својот конфузен став за Северна Кореја, вклучително и со апелот до Кина да ги зајакне санкциите кон Пјонгјанг. Во односите меѓу Пекинг и Вашингтон, кои бараат предвидливост и внимателна дипломатија, значајните играчи во Кина и во САД изгледа се подготвени да прифатат неизвесност, што би можело да доведе до разорен судир, потенцира НИ.

Украина

Како уште една потенцијална криза се посочува кревкото примирјето во Украина, но и демонстрациите и сагата со поранешниот грузиски претседател Михаил Сакашвили во Киев само ја зголемуваат загриженоста за стабилноста на украинската Влада.

- Судирот би можел да избие на повеќе начини. Колапсот на украинската Влада, што во теоријата би можело да биде корисно за Москва, може да доведе до нестабилност и насилство. Силите блиски до Москва би можеле да се почувствуваат силни, а самиот Владимир Путин би можел да види можност да заземе поголем дел од Украина. Од друга страна, колапсот на Владата во Киев би можел да ги донесе на власт ултрадесничарите, што само би го разгорел судирот во источна Украина. Иако Администрацијата на Трамп се откажа од млаката поддршка што Киев ја добиваше од Барак Обама, сериозен руски воен упад во Украина, би можел да ги вовлече Европа и САД во судир со Русија, оценува НИ.

НАТО и Турција

Американскиот магазин како четврта криза го посочува јужното крило на НАТО поради нарушените односи меѓу САД и Турција во последните неколку години и зближувањето на Анкара со Москва. Отуѓувањето на Турција од Европската унија и САД, како и турското купување руско оружје може да води кон значитечна промена во регионалниот однос на силите.

- Турција, Русија и САД не ја гледаат војната како разумен начин за решавање на таквата нова дипломатска ситуација. Но, Турција е исклучително значајна земја и нејзиниот став ќе влијае врз исходот од случувањата во Сирија, Ирак, Иран, на Балканот и во Кавказот. Придвижувањето на турската дипломатска ориентација би можело да има непредвидливи последици долж нејзините граници, посебно кога се работи за курдските аспирации за создавање држава, а влијание би можел да има и спорот за Нагорно Карабах. Таквиот развој на настаните би можел да има последици по начинот на кој државите од Југоисточна Европа размислуваат за својата лојалност кон НАТО. Тоа би можело да доведе до погрешна процена на силите на картите било на Москва било на Вашингтон, истакнува НИ.

Иран Саудиска Арабија

Петта евентуална криза во следната година би можела да произлезе од Персискиот Залив, пред се поради конфронтацијата меѓу Иран и Саудиска Арабија.

- Додека граѓанската војна во Сирија се движи кон крајот, вниманието е насочено кон Иран и Саудиска Арабија. Ријад и понатаму изгледа е лесен на оружјето и склон секаде да гледа вмешаност на Техеран. Иран, од своја страна, продолжува да го шири своето влијание во Ирак, во Сирија и на други места. Администрацијата на Трамп воглавно ја прифати победата на режимот на Асад во Сирија и своите напори ги свртува кон Иран. Тоа вклучува и давање бланко поддршка на Саудиска Арабија во Јемен и на други места, што би можело да доведе до претерана самоувереност на Ријад, се посочува во анализата.

НИ додава дека Ријад покажува јасна подготвеност да изгради дипломатска и воена коалиција против Иран, дури и со Израел. Од друга страна Русија повторно ја потврдува својата положба во регионот, со што многу лесно може да се замисли судир на големите сили.

- Неизвесноста што ја создаде Администрацијата на Трамп не им даде на другите држави да настапат. Со тоа се зголемува можноста од погрешни проценки во кризни и некризни ситуации. Се надеваме дека надворешно-политичкиот тим додека се формира и созрева, ќе развие доследен пристап до дипломатијата, што ќе ја намали заканата од некои од кризите, заклучува НИ.