Свет
16. February 2017 - 12:42

Песков: Порано или подоцна Русија ќе воспостави нормални односи со САД

Поради недостиг од нормални односи меѓу Русија и САД, без решение се серија проблеми што бараат заедничко внимание, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесе ТАСС.

- Има премногу проблеми и ние само го губиме времето, без да ги решиме овие проблеми, забележа претставникот на Кремљ.

Според него, многу од овие проблеми се такви што ниту САД, ниту Русија „одделно можат ефикасно да ги решат“.

„Се надеваме порано или подоцна да почне изградбата на нормални, деловни односи со Вашингтон и во овој момент ние се ориентираме кон тоа“, рече Песков.

Прессекретарот на претседателот Владимир Путин не ги коментираше информациите дека демократите во американскиот Сенат планираат да формираат комисија за истражување на евентуалните контакти меѓу луѓето од опкружувањето на претседателот Доналд Трамп и руското разузнавање.

- Не сум слушнал такви изјави. Тоа е апсолутно нивна внатрешна работа. За нас тука не е неопходно да даваме некакви оценки за тоа, рече портпаролот на Владимир Путин.

Кремљ одбива да ги коментира медиумските информации дека Пентагон и американската администрација  ја истражуваат можноста за копнена операција во Сирија, посочува ТАСС.

- Ако не грешам тоа е сосема непроверена информација, затоа ништо нема да коментирам. Во информацискиот простор врие од такви лиферувани информации, и ќе биде апсурдно сега да даваме некакви коментари за такви сериозни теми врз основа на информации во весниците, рече Песков.

Претходно телевизијата Си-Ен-Ен, повикувајќи се на неименувани извори, јави дека Министерството за одбрана на САД проучува дали е целисходно да префрлат американски борбени единици во северна Сирија. Според новинарите, конечната одлука ќе ја донесе претседателот Доналд Трамп.

Според различни податоци, воениот контингент на САД во Сирија вклучува приближно 300 припадници на специјалните сили, кои дејствуваат како советници, односно ги обучуваат сириските опозиционери.

Пентагон во неделата одби на агенцијата ТАСС да и даде каква и да било информација за американското воено присуство  во Сирија.