Свет
26. May 2022 - 14:15

Песков: Киев да ги прифати барањата на Русија за преговори

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија чека Украина да ги прифати барањата за мировни преговори.

– Чекаме Киев да ги прифати барањата на Москва и да ја сфати „де факто“ ситуацијата, реалната ситуација што постои, истакна Песков.

Неговата изјава е коментар на предлогот на поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер – Западот да се откаже од обидот воено да ја порази Русија во Украина. Тој ја потенцира потребата Киев да се убеди да се врати на преговарачка маса.

Кисинџер на 23 мај на Светскиот економски форум во Давос оцени дека постигнувањето на неутрален статус на Украина и нејзиното позиционирање како мост меѓу Русија и Европа може да се замисли како крајна цел во сегашната ситуација.

Тој наведе дека преговорите треба да започнат во следните два месеци, пред конфликтот да создаде такви пресврти и тензии, што нема лесно да се надминат.

Според Кисинџер, „идеалната линија на поделба треба да се врати на ’статус кво’, како пред конфликтот“, сугерирајќи дека Украина треба да се согласи да се откаже од поголемиот дел од Донбас и од целиот Крим.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го критикуваше предлогот на Кисинџер, споредувајќи ги неговите ставови со оние на нацистичка Германија во 1938 година.