Македонија
11. January 2021 - 17:24

Пердју: Заврши времето за малтретирање на Македонија

Поранешниот американски амбасадор на САД во Бугарија и еден од коавторите на Охридскиот договор Џејмс Пардју во интервју за ДВ вели дека Бугарија мора да биде бранител на членството на Македонија во ЕУ, а не противник, истакнувајќи воедно дека „завршило времето за малтретирање на С.Македонија“.

– Ги следам настаните на Балканот. И се чувствувам близок и со Бугарија и со Македонија. Мислам дека е грешка бугарската Влада да го блокира процесот што ќе доведе до пристапување на Македонија во Европската Унија. Напротив, Бугарија мора да биде бранител на членството на Македонија во ЕУ, а не противник. Бидејќи влезот на Македонија во ЕУ е дел од долгорочниот национален интерес на Бугарија.  Сигурен сум дека Стејт Департментот поддржува брзо решавање на проблемите меѓу Бугарија и Македонија, иако темата главно се однесува на Европската Унија и нејзините членки, вели Пердју.

Прашан како би можел да изгледа излезот од ситуацијата и  дали е можно двете земји наскоро да постигнат договор Пердју истакнува дека долгорочен национален интерес на Бугарија е да има добри и партнерски односи со соседите во услови на заеднички демократски вредности. Членството во ЕУ, посочува, го охрабрува ова. Бугарија и многу луѓе во Македонија имаат заедничка историја и култура, но Бугарија е понапредната нација и има предност со членството во ЕУ во остварувањето на своите цели. Двете земји се природни сојузници и можат да работат заедно за просперитетна иднина, доколку им го свртат грбот на некои од помалку важните прашања, наведува Пердју.

Националистите во Бугарија, дополнува,  гледаа како Грција го користи своето членство во ЕУ за да изврши притисок врз Македонија. И тие одлучија да ја спроведат истата стратегија. Но, времето за малтретирање на Македонија заврши, потенцира Пердју.

Прашањата за историјата и јазикот, дополнува, не се доволно значајни за да ги оправдаат непријателските односи меѓу двете земји. На крајот на краиштата, Македонија е суверена земја. И ниту една држава не треба да има право да принудува друга нација да ја менува својата историја. Историчарите и експертите нека ги расчистуваат контроверзните точки со текот на времето. Во меѓувреме, Софија треба да ја поддржи, а не да ја блокира кандидатурата на Македонија за ЕУ. Сè друго е кусогледо, вели Пердју за ДВ.