Пендаровски за „Етнос“: Се надевам и очекувам позитивна одлука од Европа
Надеж дека Европскиот совет ќе даде зелено светло за почеток на пристапни преговори со унијата, изразува претседателот Стево Пендаровски во изјавата за грчкиот весник „Етнос“, потенцирајќи дека ваквата одлука би била достојна и признание за напорите што ги направи земјата, jави дописничката на МИА од Атина.
Во текстот под наслов: „Стево Пендаровски за Етнос: Време е Европа да нѐ награди“, грчкиот весник ја пренесува изјавата на претседателот, како во однос на ЕУ и европската перспектива на земјата, така и во однос на Договорот од Преспа.
– Искрено се надевам и очекувам дека ќе има позитивна одлука од Европскиот совет за да може Северна Македонија да ги започне претпристапните разговори, за во следниот период да стане членка на ЕУ. Тоа ќе биде одлука што ја сметаме за достојна, но е и признание за сите напори што ги направи земјата во последните години, како во спроведување на внатрешните реформи, така и со решавањето на долгогодишното прашање за името со Грција, стигнувајќи до историска одлука што го отвори патот за заедничка европска иднина и на двете земји, вели претседателот Пендаровски.
Шефот на државата истакнува дека двете соседни земји како членки на ЕУ, ќе ги делат европските вредности и стандардите на демократизација и транспарентност што ќе помогне во безбедноста и стабилноста на регионот, а говори и за Договорот од Преспа и позитивните резултати и новото поглавје во билатералните односи.
– Но, најважно од сѐ е дека се отвори пат за силен билатерален однос, зајакнувајќи ја врската како на политичко, економско и одбранбено ниво, така и меѓу луѓето и културните соработки. Северна Македонија и Грција се соседи долго време, а сега имаат можност да станат партнери во рамките на ЕУ. Процесот на преговори, им дава значителни можности на земјите да разменат знаење, добри практики и искуства од процесот на пристапување во ЕУ. Како членки на ЕУ, слободното движење на лица, добра и услуги ќе овозможи поотворена област што ќе донесе просперитет како за Северна Македонија, така и за Грција како дел од истиот европски регион. Како членки на ЕУ, ќе ги делат европските вредности и стандардите на демократизација и транспарентност што ќе помогнат во безбедноста и стабилноста на овој регион, вели претседателот Пендаровски за „Етнос“.
Ново на Сител
-
Пожар зафати куќа во неготинско Долни Дисан
-
Врховен задутре ќе одржи јавна седница по жалбата на таткото на Вања против мерката притвор
-
Минималната синдикална кошница за април 60.212 денари, зголемена за 1.214 денари во однос на март
-
Цената на лебот засега е стабилна и нема да се менува, велат од Агро-бизнис комората при ССК
-
МВР, ЈО и АНБ комплетно подготвени за претстојните претседателски избори
-
Инаугурацијата на Путин ќе се одржи на 7 мај
-
Шојгу: Русија ќе ги интензивира нападите врз складишта со западно оружје во Украина
-
Просечната плата во февруари изнесува 39.276 денари