Македонија
23. November 2019 - 9:00

Пендаровски во Нови Сад ќе се обрати на 4-от Регионален младински форум

Претседателот Стево Пендаровски, кој се наоѓа во официјалната посета на Србија, денеска во Нови Сад ќе учествува на 4. Регионален младински форум.

Пендаровски ќе има свое обраќање на претседателскиот панел „Обраќање на младите пред претставниците на влаcта: презентирање на политичкиот дијалог пред милениумците“, заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателот на Словенија, Борут Пахор.

Вчера Пендаровски се сретна со Вучиќ при што освен за зајакнувањето на билатералните односи, разговарале и за француската иницијатива за нова променета методологија во водењето на претпристапните преговори со ЕУ. Тој уште еднаш го истакнал ставот дека за нас не постои друга одржлива алтернатива и гаранција за стабилност, сигурност и просперитет, освен полноправно членство во Унијата.

– Во овој контекст ме радува фактот што и од Скопје и од Белград упатуваме јасни пораки дека Европската унија не треба да заборави на западниот Балкан, за кој перспективата за членство во ЕУ е единствена гаранција за стабилност, сигурност и просперитет и всушност е единствена одржлива опција. Европската интеграција на регионот е најдобриот начин што ќе овозможи демократска трансформација на нашите општества, просперитет и зајакната регионална соработка, изјави Пендаровски.

За разлика од него, Вучиќ повтори дека и за Србија целта е членството во ЕУ, и веќе има отворано 17 поглавја, но со францускиот „нон-пејпер“ документ многу работи се нејасни.

– ЕУ сега во овој момент бара начин, поради Преспанскиот договор да ја задоволи Северна Македонија, за Албанија е малку потешко, да отвори преговори….кога ќе ги прашате, а што потоа, што кога ќе се отварат преговорите, во март или во мај во Загреб, никој нема одговор во ЕУ што ќе биде потоа со преговорите со Србија и Црна Гора, па и со Северна Македонија откако ќе ги отвори преговорите. Таков план немаме видено досега. Затоа до нас во регионот е да отвараме повеќе автопатишта, пруги, се повеќе да се спојуваме и да соработуваме, да бидеме се поуспешни, изјави Вучиќ, во контекст на  иницијативата за „Мал Шенген“.

И Пендаровски ја оцени иницијативатат за „Мал Шенген“ како одлична, истакнувајќи дека тоа не е алтернатива на ЕУ, за што добил потврда и од францускиот претседател Макрон.

– Тој треба да се менува, да се шири и да ги опфати сите шест држави од Западен Балкан, без да го прејудицирам идниот статус на Косово, треба да се најде решение за сите држави да влезат во оваа иницијатива, бидејќи така може да имаме сите бенефиции и поголем пазар, и сите без надворешна пресија да се однесуваме како Европјани, рече Пендаровски.

На оваа констатација на Пендаровски се надоврза и Вучиќ кој кажа дека „Мал Шенген“, односно слободното движење на капиталот, на стоки, услуги и луѓе се суштина на напредокот и тоа е прогресивна иницијатива и најдобро нешто во регионот во изминатите 30 години.

– Ние немаме покровители тука и сами се договараме. Со Заев и со Рама многу лесно се договараме. Отворени сме и за другите, па и за Приштина, сакакаме и тие да влезат, бидејќи сите ќе имаме огромна корист, или според Светска банка сите би имале околу три милијарди заштеда, а тоа не се мали пари, кажа Вучиќ, кој додаде дека „има будали кои него и Еди Рама ги обвинуваат дека ја прават четврта Југославија или Голема Србија и Голема Албанија, што не одговара на вистината“.