Македонија
20. October 2021 - 13:23

Пендаровски: Утврдивме дури 63 планови за климатска акција

Македонија е една од првите држави која усвои Национална стратегија за енергетски развој до 2040 година. И покрај пандемијата на Ковид-19, годинава усвоивме ревидиран национален утврден придонес за намалување на стакленичките гасови. Утврдивме дури 63 планови за климатска акција што се директно поврзани со 15 цели за одржлив развој. Ова денеска го истакна претседателот на државата Стево Пендаровски, кој го отвори Младинскиот самит за климатски промени. УНИЦЕФ, заедно со Амбасадите на Италија, Шведска и Обединетото Кралство го поддржува „Младинскиот климатски самит“ во Скопје.

Претседателот Пенадровски нагласи дека Владата ја усвои Долгорочната стратегија за климатска акција со Акциски план. – Целта на оваа стратегија е да постигнеме зелен, ниско јаглероден и климатски одржлив развој. Стратегијата не обврзува да ги намалиме националните нето емисии на стакленички гасови за 72 отсто до 2050 година во споредба со нивото од 1990 година, рече Пендаровски.

Според претседателот Пендаровски, наредните 30 години, не само за нас, туку и за целиот свет климатските промени ќе бидат најголемиот глобален предизвик.

-Последниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени – IPCC недвосмислено укажува дека ние веќе ја живееме последната деценија во која ќе можеме да влијаеме за да го ограничиме глобалното затоплување. Меѓутоа, за тоа да го направиме ќе биде неопходно брзо и од корен да го промениме енергетскиот и производствениот систем во светот. Ќе мора да стекнеме нови, одржливи животни навики и да покажеме многу поголема грижа за животната средина. Во спротивно, ако не успееме на глобално ниво драстично да ги намалиме емисиите на стакленички гасови во текот на оваа пресудна деценија, и ако не успееме да постигнеме нето нула емисии до 2050 година, тогаш неминовно ќе дојдеме до точката по која нема враќање, рече Пендаровски.

Годинашниве шумски пожари и поплавите и кај нас и во Европа, како што нагласи, ни претскажуваат каква иднина не очекува.

-Поради климатските промени екстремните временски услови ќе бидат се почести и се поинтензивни, со повеќе човечки жртви и поголеми штети за националните економии и екосистеми. Во некои региони ќе зачестат топлотните бранови, суши и пожари, а во други, бурите и поплавите. Особено ранлив на климатските промени е и ќе биде Медитеранскиот регион на кој и ние припаѓаме.Тоа се констатациите и предвидувањата на науката. Но, што можеме ние да направиме во врска со тоа? Реално, самите можеме многу малку, но, заедно со другите држави во Европа и светот, можеме да направиме многу, порача Пендаровски.

Пендаровски соопшти дека за десетина дена треба да учествува на Светскиот лидерски самит за климатски промени во Глазгов. Најави дека таму ќе ги пренесе ставовите и политиките на нашата држава и заедно со другите светски лидери, како што рече, ќе се застапувам за иднината на вашата и на сите наредни генерации.

-Вие сте најинформираната и најдигитализирана генерација во историјата на човештвото. За да излеземе на крај со овој глобален предизвик нам ни се неопходни вашиот ентузијазам, вашите иновативни и креативни идеи и решенија. Затоа сме денеска тука, да ги чуеме вашите размислувања за тоа како конкретно, на дело да ги оствариме споменатите стратегии, и да овозможиме побезбедна иднина и за вас и за идните поколенија, додаде Пендаровски.