Македонија
13. May 2021 - 11:56

Пендаровски: Пропагандата од трети земји и лажните вести се ризик за регионот

 Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на виртуелната конференција „Пред иднината – Подготовки за НАТО 2030“ во организација на Атлантскиот клуб во Бугарија, по повод 30-годишнината од неговото основање.

Честитајќи го значајниот јубилеј за организацијата, претседателот Пендаровски говореше за придобивките коишто Република Македонија ги има од членството во НАТО, по две децении кандидатски статус и низа кризи. 

Меѓу научените лекции од поновата историја, како што рече претседателот Пендаровски, е важноста на раното предупредување, особено денес, кога предизвиците се удвоени и се посложени, вклучително сајбер и хибридната војна, или најновиот предизвик – управувањето со пандемијата, која освен здравствени, социјални и економски, има и безбедносни последици.

Важно за стабилноста на трансатлантската заедница е кохезијата меѓу партнерите, бидејќи, како што посочи претседателот Пендаровски „ниту еден проблем на Балканот не ќе беше решен во последните три децении, ако не беа синхронизирани САД и Европа“.

Пендаровски се осврна и на неодамна лиферуваните нон-пејпери, во коишто се споменува промена на границите на Западен Балкан. Според него, ниту една одговорна влада или политичар во Европа нема да ја поддржи оваа опасна идеја, но, според него, пропагандата од трети страни не е исклучена. Шефот на државата посочи дека во регионот сè уште има премногу историја којашто не држи сите нас на задните седишта во Европа.

-Живееме во 21-от век и мора да размислуваме и да правиме планови за иднината. Балканот во пост-комунизмот изгуби милиони млади луѓе кои заминаа во деловите на светот каде што историјата е присутна во книгите, а не на улиците, рече Пендаровски во обраќањето на виртуелната конференција, по повод 30-годишнината од основањето на Атлантскиот клуб во Бугарија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова во обраќањето на конференцијата истакна дека европската безбедност е многу важен аспект за сите. Таа повика на измени во Лисабонскиот договор во делот на овластувањата на високиот претставник за безбедност и надворешна политика, бидејќи тие не се добро решени.

Заменик генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана предупреди на руските активности во Црното Море и ги оцени како предизвик за сите во регионот, потсетувајќи на анексијата на Крим од Русија, што, според него,  ја покажа природата на Москва. Џоана истакна дека сајбер нападите и кампањите за дезинформирање се најголем предизвик денес, не само за државите, туку и за НАТО и додаде дека е потребно заедничко дејствување за да се спречат.

На виртуелниот форум ќе се обратат и тројца поранешни генерални секретари на НАТО, Хавиер Солана, Џорџ Робертсон и Јап де Хоп Шефер, како и помошникот државен секретар на САД Мајкл Марфи. На конференцијата учествува и поранешниот претседателот на Бугарија Петар Стојанов, во чие време во 1997 година земјата аплицираше за влез во НАТО.