Македонија
11. April 2019 - 21:59

Пендаровски: Оризопроизводството и земјоделството ќе добијат потенцијално за над пет пати повеќе пари со влезот во евроатлантските структури

Определбите за влез во НАТО и ЕУ се вистинскиот правец да се обезбеди отворање на нови перспективи и дополнителна финансиска поддршка за развој на земјоделското, а со тоа и на оризопроизводството, истакна претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски на вечерашниот митинг со граѓаните од Кочани.

-Не само со влезот во ЕУ, туку со почетокот на преговорите за влез, нашата држава ќе има потенцијална можност да повлече пет до шест пати повеќе пари од европските фондови, во споредба со она што го дава македонската влада, како субвенции за развој на одделни гранки во земјоделството. Тоа е така затоа што Унијата сака да има рамномерен регионален развој, поради што ние би имале огромна шанса, со предлагање соодветни проекти, да добиеме поголема финансиска поддршка од нејзините фондови за земјоделството. Дополнително што ќе имаме корист и од инвестициските фондови за капитални инвестиции, особено во инфраструктурата, истакна Пендаровски.

Одговарајќи на прашања од присутните граѓани на митингот во Кочани, Пендаровски рече дека како претседател ќе се залага за комплетно реформирање на правосудниот систем во државата, нагласувајќи дека е специјалното јавно обвинителство не смее да згасне.

-Политички мораме да овозможиме СЈО да продолжи да живее, ве уверувам дека после изборите потребните две третини за поддршка ќе бидат изнајдени, не затоа што тоа Европа го бара од нас, туку затоа сите сме должни пред себе и младите генераци да покажеме дека ова е правна држава. Секој кој постапувал спротивно на законот мора да одговара, а СЈО ќе мора да ги заврши и тие истраги што ги почна за тој период за кој е формирано. Истовремено и секој од актуелната власт кој ќе ги прекрши законите, ќе мора да одговара пред тоа исто СЈО, додаде Пендаровски.

Пендаровски во текот на денот имаше средба и со граѓаните на Виница, каде беше потенциран проблемот со иселувањето, особено на младите, поради што можност за намалување на негативниот тренд гледа во приклучувањето на државата кон ЕУ и НАТО.
-Едната врата кон Европа, кон демократскиот свет, ја отворивме со поканата за НАТО, сега во јуни со почеток на преговорите со ЕУ ќе ја подотвориме и втората која е значајна за младите, за развој на земјоделството за отворање нови работни места. И јас исто како Владата, не ги делам луѓето по етничка или партиска припадност, сите ќе добијат еднаква шанса. По 12 мај, ако бидам избран за претседател, сите граѓани ќе бидат еднакви, без разлика на политичкатам верскаат или која било друга припадност. Доста се кавги и делби, зошто секој граѓанин треба да добие шанса за подобар живот, а државата мора да е економски развиена и демократска, нагласи Пендаровски.