Македонија
25. April 2020 - 14:29

Пендаровски најавува лидерска средба идниот месец

На лидерска средба ќе се решава кога ќе се одржат следните парламентарни избори. По вчерашниот повик од опозицискиот лидер Мицкоски, од Кабинетот на Претседателот велат дека Пендаровски ќе ги седне политичките лидери на заедничка маса во првата половина од идниот месец.
На средбата како што велат од Кабинетот на Пендаровски ќе се разговара за натамошниот тек на политичкиот процес и можните термини за парламентарните избори.

„Во овој период сите напори и државни ресурси треба да бидат насочени кон справување со пандемијата на коронавирусот“  - велат од Кабинетот на шефот на државата за МИА.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска го афирмира барањето за лидерска средба, потенцирајќи дека во време на корона кризата воопшто и не размислуваат за избори.

На избори велат дека не помислуваат ниту во СДСМ. Од владејачката партија преку својот потпретседател порачаа дека нема потреба за лидерска средба.

Во ДУИ  од чии редови доаѓа и Џафери кој пак во моментов е единствена пречка на иницијативата на триесетина пратеници за повторно свикување на Собранието се уште нема официјален став. Во неговиот кабинет само потврдуваат дека се запознаени со инцијативата но какви ќе бидат идните чекори не се открива.
Триесетина пратеници од СДСМ и албанските опозициски партии неделава доставија иницијатива со која се бара повторно свикување на Собранието со оправдување дека е потребно тоа во ова време да даде поддршка на одлуките на Претседателот и Владата. Но неофицијално, во политичките кругови на големо се зборува дека свикувањето на Собранието има единствено за цел да послужи за брзо распишување на изборите кои неофицијално СДСМ бара да се одржат на 28 јуни. ДУИ не крие дека не се согласува со избори на почетокот од летото, а партиски извори велат дека за нив, најдобар термин ќе биде во септември по крајот на летните одмори. На таа линија е и опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде и официјално потврдија дека избори на крајот од јуни или почетокот на јули, само месец дена по крајот на вонредната состојба за нив е неприфатлива опција.
Македонското Собрание му стави крај на своето заседавање на 16 февруари, а Џафери изборите ги распиша на 12 април согласно тогашниот договор кај Пендаровски. Месец дена подоцна, корона кризата ги принуди политичките актери да ги одложат изборите.