Македонија
13. August 2020 - 18:40

Пендаровски: Мое е да го дадам мандатот, на мандатарот е да покаже дека има мнозинство во Собранието

Претседателот на државата Стево Пендаровски по денешнатра средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека мандатот му го доверил на Зоран Заев, бидејќи смета дека роковите за мандат течат по верификација на мандатите на пратениците иако не е избран претседател на Собранието имајќи ја предвид политичката пракса во изминативе 30 години, односно ситуациите во 2006 и  2016.

-До овој момент  61 пратеник нема  ниту една политичка страна, ниту еден политички субјект од оние кои влегоа во новиот парламент  меѓутоа господинот Заев се јави во текот на вчерашниот ден и рече  дека во преговорите со повеќе политички партии кои се со свои пратеници во Собранието е на добар пат да обезбеди мнозинство, рече Пендаровски појаснувајќи  го неговиот одговор на прашањата од Мицковски и Силјановска за тоа дали и на кој начин бил уверен од Заев дека има мнозинство.

Во делот на тоа дали барал  гаранции за претпоставеното мнозинство на Заев, Пендаровски истакна дека тоа не го барал ниту еден претседател од Глигоров до денес, освен Ѓорге Иванов и тоа, подвлече, вториот пат кога Заев дојде да го бара мандатот откако Груевски, кој имаше само 51 пратеник и немаше очигледно мнозинство не му бараше потписи.

-Моето убедување и како претседател и како човек е дека на луѓето  особено оние кои претендираат да бидат премиер утре на оваа земја  мора да им се верува на зборот затоа што и тие имаат одговорност не кон својата партија и кон своите гласачи, конечно ако за 20 дена  господинот Заев не направи влада  значи ќе се увери дека нема 61 човек и ќе си го врати мандатот назад. Значи вие неможете со трикови да добиете мандат велејќи  дека јас имам мнозинство имам шанса да направам мнозинство  и за 20 дена целата јавност ќе види дека вие немате мнозинство. Мнозинството од 61 не се утврдува кај претседателот кога го дава мандатот со потписи или со нотарски заверени изјави, туку се утврдува на денот на гласање во Собранието за новата влада, рече Пендаровски

Моето, рече тој, е да го дадам мандатот од 20 дена. Тој што тврди дека има мнозинство или дека ќе направи мнозинство, да покаже дека има мнозинство во Собрание, ако не, го враќа назад мандатот и одиме со втората партија која има најмногу мандати-а тоа е коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, рече Пендаровски.

На новинарско прашање тој рече дека е легитимно право на ВМРО-ДПМНЕ околу одлуката за замрзнување на односите со претседателот, тоа е нивно демократско право, но според него, станува збор за потег кој е испровоциран од некое внатрепартиско прашање.

-Ако г. Заев не направи влада за 20 дена, јас ве уверивам дека г. Мицкоски на истекот на тој рок ќе дојде одсабајле овде, во оваа институција да го бара мандатот иако односите му се замрзнати, вели Пендаровски.

За можноста од распуштање на Собранието и шпекулации во јавноста во врска со тоа, тој подвлече дека според Уставот е можно само со гласот на 61 пратеник со кои се самораспушта парламентот и се оди на нови избори. Нема друг начин, дециден е шефот на државата.

Нагласи дека освен Заев досега никој не се јавил во неговиот кабинет во врска со мандатот, ниту Мицкоски, ниту Ахмети оти можат да направат влада, а тој, вели, морал да го даде мандатот во рок од 10 дена, бидејќи според Устваот е должен да го направи тоа, во спротивно го крши Уставот.