Македонија
6. November 2019 - 16:15

Пендаровски-Матарела: Европска интеграција за регионална стабилност и просперитет

Италија постојано ги поддржува стратешки цели на Северна Македонија за членство во ЕУ и НАТО, и на нејзина иницијатива ќе биде одржан вонреден состанок на Советот за општи работи на Европската унија на кој повторно ќе се отвори прашањето за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

Ова е истакнато на денешната средба во Рим на претседателот Стево Пендаровски со неговиот италијански колега Серџо Матарела.

Пендаровски, кој престојува во официјална посета на Италија, беше пречекан од Матарела со државни и воени почести, по што двајцата претседатели остварија тет-а-тет средба. Беше одржан и пленарен состанок со официјалните делегации на Република Северна Македонија и Република Италија.

Пендаровски на средбата се заблагодари за постојаната отворена поддршка на Италија за нашите стратешки цели, членството во ЕУ и НАТО.

Притоа, претседателот Пендаровски додаде дека интегрирањето на Северна Македонија и на земјите од Западен Балкан во Европската Унија и НАТО е во интерес на регионалната безбедност и просперитет.

Во овој контекст Пендаровски подвлече дека Северна Македонија нема друга алтернатива освен интеграција во ЕУ и не се прифатливи алтернативни модели за градење на односи на земјите од Западен Балкан со Унијата, различни од стандардите што ги поминаа сите членки во ЕУ како кандидати.

На средбата меѓу претседателите Пендаровски и Матарела се разговараше за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Италија, при што се констатираше дека двете држави имаат традиционално пријателски односи, со висок степен на разбирање и доверба, како и одличен политички дијалог којшто може да придонесе за зајакнување на трговската размена, соработка меѓу бизнисите и збогатување на економската соработка.

Истовремено, претседателот Пендаровски на средбата упати покана до претседателот Матарела за официјална посета на Република Северна Македонија следната година, покана којашто претседателот Матарела со задоволство ја прифати.