Македонија
26. December 2019 - 22:17

Пендаровски ја врачи Големата годишна награда за најуспешно архитектонско дело во 2019.

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски вечерва ја врачи Големата годишна награда за архитектура во 2019 година за основното училиште „Киро Глигоров“ на Бесиан Мехмети, Стефан Атанасоски, Никола Кунгуловски и Арменд Хебипи.

Големата годишна награда ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а претседателот Пендаровски е покровител на манифестацијата.

Пендаровски во своето обраќање истакна дека секое архитектонско дело, меѓу другото, е резултат на низа компромиси, независно дали се буџетски, просторни, временски.

-Но, убеден сум дека најголемиот компромис што мора да научиме да го правиме, е компромисот во полза на здравата животна средина и хуманиот простор. Ако сакаме градбите од нашата генерација да го издржат тестот на времето, тие мора во себе да ја вградат солидарноста кон луѓето и одржливоста кон природата“, рече претседателот Пендаровски. Тој во обраќањето потсети на скорешното крајно негативно искуство кога политичарите беа архитекти, а архитектите само извршители на нивните замисли и упати порака до архитектите – „Сакам да апелирам до сите вас, и сега и во иднина, никогаш да не правите компромиси со вашиот личен и професионален интегритет и наместо правилата и етиката на вашата професија да го следите диктатот на политиката, порача претседателот Пендаровски.

Посочи дека ако сакаме да имаме хуман, квалитетен животен простор во Скопје, и воопшто во секој град и населено место во Северна Македонија, ние треба да започнеме со прашањето: кој е духот на нашето време?

-По катастрофалниот земјотрес Скопје беше изградено во модерен стил, во солидарен дух. Солидарноста како принцип, ги руши бариерите и ја прави градбата пристапна за што повеќе луѓе, вклучително и за лица со физички хендикеп. Ако ги следиме различните концепти што доминантно ќе влијаат на архитектурата во наредните децении, толкувани според авторитетите од вашата професија, ќе видиме дека сите тие имаат еден заеднички содржател, а, тоа е одржливоста, разбрана како енергетска ефикасност и еколошка одговорност на градбите, рече претседателот.

Упати апел до архитектите никогаш да не прават компромиси со нивниот личен и професионален интегритет и наместо правилата и етиката на вашата професија да го следат диктатот на политиката.

-Во таа смисла, скорешното крајно негативно искуство кога политичарите беа архитекти, а архитектите само извршители на нивните замисли, треба да ни биде доволна поука, истакна претседателот.