Македонија
2. March 2021 - 16:49

Пендаровски и Заев: Радев се меша во внатрешните прашања на Македонија

Нов удар врз македонско – бугарските односи. Средбата на бугарскиот претседател Радев со шефовите на безбедносните служби, поради наводни повреди на правата на Бугарите во Македонија, повод за остра реакција од македонскиот политички врв.

Мешање во внатрешните работи – е оценката на претседателот Пендаровски.

„Крајно невообичаено и секако надвор од внатрешните процедури на Алијансата е претседател на една земја-членка на НАТО да ги повикува своите служби за безбедност да реагираат за наводно кршење на правата на граѓани во друга земја - членка на НАТО. Реакцијата на бугарскиот претседател е спротивна и на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава“, велат од кабинетот на претседателот.

Во соопштението се додава дека и покрај редовниот мониторинг од ЕУ, до шефот на државава нема стигнато ниту една информација од надлежните институции за кршење на човековите слободи и права на македонски граѓани, само затоа што ја декларирале својата етничка припадност.

Зачуденост од потегот на Радев искажа и премиерот Заев. И тој како и Пендаровски вели дека станува збор за мешање во внатрешните работи, спротивно на Договорот за добрососедство.

„Испраќам силна порака до соседна Бугарија. Гледам дека претседателот Радев свикал состанок, да бидеме внимателни затоа што секогаш сме знаеле да дадеме одговор за која било нивна загриженост, како што и тие знаеле да дадат одговор за наша загриженост. Да не потпаѓаме под какви било инсинуации или неточни информации, секој пат можеме да ги провериме. Ние сме земји членки на НАТО, ние сме сојузници, не ни треба испраќање на не знам какви разузнавачки служби да ги утврдат правата на граѓаните. Таман работа, правата на граѓаните се светост во нашата земја, верувам така е и во Бугарија и во цела Европа“.

Владата најитно да го осуди однесувањето на Радев и Захариева, реагираат и од најголемата опозициска партија. Од ВМРО ДПМНЕ бараат однесувањето на бугарските политичари веднаш да биде пријавено кај меѓународните претставници во земјава, а во спротивно, Заев ќе биде директно виновен за поткопувањето на суверенитетот на државата.

Директен повод за новиот момент во македонско – бугарските односи е писмото од културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола, испратено до бугарскиот државен врв. Во него меѓудругото се наведува дека “нивни сонародници во Македонија се соочувале со зачестени појави на нарушување на нивните права, поради фактот што се идентификуваат како Бугари“.

На оваа тема се жалат и во ново писмо испратено до американската, германската и португалската амбасада, како и до делегацијата на ЕУ во земјава.

“Денес, во пресрет на пописот во Северна Македонија, ние се соочуваме со голем проблем. Ние, Македонските Бугари имаме потешкотии да го совладаме стравот всаден со децении, за да можеме да се изразиме слободно и демократски. Го имаме следниот апсурд: Десетици илјади од нас патуваат во Софија за добивање на бугарско државјанство, каде што отворено се декларираме и потпишуваме дека имаме бугарско потекло, додека на пописот, не се осмелуваме да се декларираме како Македонски Бугари”, велат од Културниот центар “Иван Михалов”.

Го повторуваат предлогот упатен и до бугарските власти, граѓаните кои ќе се декларираат како Бугари на претстојниот попис, да можат по олеснета постапка да стекнат бугарско државјанство, предлог поддржан од претседателот Радев.