Македонија
3. јуни 2019 - 14:56

Пендаровски: Членството во НАТО е клучен кохезивен фактор во нашето мултиетничко општество

 Во сиот свој професионален работен ангажман ме водеше идејата да помогнам во процесите кои денес ја донесоа државата до полноправно членство. Ве уверувам дека како претседател на Северна Македонија во мене и во мојот тим имате партнер и поддржувач на се она што е и ќе биде регионален и глобален приоритет на Алијансата, истакна претседателот Стево Пендаровски на денешната средба во Скопје со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и со Северноатлантскиот Совет.

Шефот на државата изрази задоволство од, како што вели, фактот што Северноатлантскиот совет доаѓа во историска посета и многу значаен период за Северна Македонија.

– Верувам дека имате исполнет работен ден, па затоа ќе се обидам да бидам концизен и да се фокусирам на клучните пораки што сметам дека е неопходно да ги истакнам. Изминатиот период, како држава поминавме низ многу значајни промени кои го отворија патот на Северна Македонија кон полноправно членство во Алијансата, рече Пендаровски. 

Убеден суд, вели тој, дека сите ги ценат суштинскиот демократски напредок и спроведените реформи насочени кон возобновување на институционалниот и правен поредок во државата.

– Не би сакал да ги набројувам сите реформи. Овде само ќе го истакнам потпишувањето на двете клучни спогодби со нашите соседи и пријатели, Грција и Бугарија, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, додаде Пендаровски.

Информира дека минатата недела ги посетил Министерството за одбрана и Генералштабот, каде се запознал со реформските зафати и плановите за опремување и модернизација на вооружените сили, во функција на идното полноправно членство во Алијансата. Додаде дека изразил задоволство од фактот дека приоритет во овие реформски процеси ќе биде даден на декларираните НАТО единици. 

-Истовремено, ја поздравив заложбата на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана за достигнување на целта, како идна НАТО земја-членка Северна Македонија да издвојува два отсто од БДП за трошоци во одбраната. Оваа цел ќе ја достигнеме до 2024 година., нагласи Пендаровски.

Нагласи дека како претседател на Северна Македонија, имајќи ги предвид неговите надлежности во безбедноста и разузнавачките служби, ќе инсистира на нивно темелно реформирање согласно сите највисоки стандарди на НАТО. Ова, додаде тој, ќе биде негова постојана лична заложба, а ситуацијата активно ќе ја набљудува и ќе настојува напредок во оваа област да имаме час поскоро. 

Шефот на државата во оваа прилика се заблагодарам на постојаните претставници на земјите-членки кои до сега го ратификуваа пристапниот протокол и воедно потенцирам дека сме задоволни од динамиката на ратификација. Очекуваме, рече Пендаровски, дека и останатите држави ќе ги заокружат внатрешно-правните процедури, а процесот ќе заврши кон крајот на годината. 

-Како држава остануваме посветени на придонесот за зачувување на глобалниот мир и стабилност,  борбата против меѓународниот тероризам, за што сме подготвени во наредниот период да го зајакнеме нашето учество во мировните операции под водство на НАТО. За нас членството во НАТО е еден од најголемите кохезиони фактори во нашето мултиетничко општество,  а поддршката за процесот е константно висока години наназад, што не обврзува како држава да продолжиме со реформите и како полноправна членка на НАТО, нагласи Пендаровски. 

Претседателот рече дека сме длабоко убедени дека членството во НАТО на Северна Македонија позитивно ќе се одрази на регионалната безбедност и стабилност, со што влијанието на надворешните малигни фактори ќе биде сведено на минимум. 

-Со оваа констатација, дозволете, почитуван генерален секретар и постојани претставници на земјите членки, да Ви се заблагодарам за постојаната поддршка и помош која НАТО ни ја пружаше сите овие години преку разни форми, како и преку директното присуство во Северна Македонија на НАТО Канцеларијата за врски во Скопје. Убеден дека наскоро ќе имаме можност да се видиме во седиштето на НАТО во Брисел, почитувани пријатели на Северна Македонија, ви се заблагодарувам за вашата денешна посета, истакна Пендаровски.