Македонија
9. July 2019 - 12:51

Пендаровски-Борисов: Договорот за добрососедство внесе позитивна динамика во односите меѓу двете земји

Претседателот на државата Стево Пендаровски во рамки на учеството на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, во Сараево, оствари средба со премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов при што констатирале дека двете држави се посветени кон унапредување на севкупните односи.

Како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, двајцата соговорници изразија задоволство што Договорот за добрососедство, пријателство и соработка внесе позитивна динамика во политичките односи меѓу двете земји, што се рефлектира и во останатите области.

-Претседателот Пендаровски истакна дека Република Северна Македонија високо ја цени поддршката од Република Бугарија за добивање датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија и го поздрави ратификувањето на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО, стои во соопштението.