Македонија
13. May 2019 - 16:05

Пендаровски бара лидерите на ЕУ да бидат доследни и принципиелни на дадените ветувања за почеток на пристапните преговори

Пендаровски очекува лидерите на членките на Европската унија да останат доследни на дадените ветувања и земјава да го добие заслужениот почеток на преговорите за членство. Оваа порака утрово му ја пренесе и на евроабасадорот Жбогар со кој заеднички констатирале дека Република Северна Македонија е единствената функционална демократија во регонот.

Претседателот Пендаровски и евроамбасадорот Жбогар констатираа дека напредокот во евроинтеграциите е од клучно значење за подобрување на животниот стандард и одржување на еврооптимизмот на граѓаните во Република Северна Македонија, се вели во соопштението од кабинетот на шефот на државата.

Жбогар пак вели дека на Пендароивски му ги пренел честитките, но и поканата за средби со челниците на Европската унија во следните недели.

На средбата изразив почит за вчерашните пораки на Пендаровски на инаугурацијата, пораки за помирување, за подавање рака, за обединување на сите политички сили во земјата во интерес на сите граѓани и напредок на државата. Охрабрен сум од неговите пораки и од денешната средба. Разговаравме за неговата можна посета на Брисел и средби со лидерите на Европската Унија, нешто на што ќе работиме во наредните недели, рече Жбогар по средбата со Пендаровски.

На првиот работен ден Пендаровски и преку Facebook повика  на граѓанско помирување.

Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато и реално да го започнеме граѓанското помирување, затоа што немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток, не водејќи сметка за сопствениот политички рејтинг. Сите добронамерни луѓе, политичари и партии што ќе решат да одат по истиот тој пат ќе ја имаат мојата поддршка, напиша Пендаровски

Честитки за превземањето на функцијата денеска пристигна и од британската премиерка Тереза Меј.