Свет
6. August 2018 - 16:41

Пекол во Португалија: Огнената стихија голта се пред себе и им се заканува на туристите, пожарот се наближува до плажите

Пожарникарите во Португалија се уште се борат со шумскиот пожар од големи размери на јужниот брег, во туристичкиот регион Алгарве зад популарните плажи, кој минатата ноќ се закани да ја проголта населбата на падините на тамошниот рид.

Службата за цивина заштита денеска соопшти дека 44 лица побарале медицинска помош минатата ноќ, кога пламенот го зафати Моншика, на 250 километри јужно од Лисабон.

Во таа прилика, тешко е повредена 72-годишна жена. Властите соопштија дека над 1.000 пожарникари со 327 возила и 7 авиони се борат со огнената стихија.

Пожарот, кој се шири поради ветрот, изби во понеделникот во шумата со борови и еукалиптуси на непристапниот рид зад познатите плажи во туристичкиот регион Алгарве.

Црниот чад, во меѓувреме ветрот го донесе и до плажите популарни меѓу европските туристи.

Пожарникарите очекуваат прогнозираните нешто пониски температури ќе им помогне огнот да го стават под контрола.

Регионот Алгарве главно беше поштеден од најлошиот топлотен бран кој ја зафати Португалија и Шпанија, кој донесе температури и до 45 степени Целзиусови.