Свет
9. January 2016 - 13:32

Пекинг затвора 2.500 фирми заради загадување на животната средина

Пекинг годинава ќе затвори 2.500 мали компании, кои се сериозна закана за животната средина, во обид да се избори со загадувањето, пренесе Ксинхуа, повикувајќи се на информации на градските власти.

Загадувањето е чувствителна тема во Кина, каде годишно се организираат илјадници протести заради стравувања од влошување на живорната средина, особено од фабриките.

Од четири реони во престолнината, кои и зимава беа зафатени со задушувачки смог, ќе биде побарано до крајот на годината да затворат 2.500 компании. Планирано е следната година да продолжи затворањето на фирмите загадувачи.

Според неименуван извор, растечкиот број мали извори на загадување, како што се рестораните, хотелите и гаражите, го неутрализираат ефектот од драстичниот пад на загаденоста од големите загадувачи и нагласено еколошки свесните компании во градот.

Минатиот месец Пекинг го прогласи вториот во својата историја „црвен код“ за загадување на воздухот, затвори училишта и забрани градење на отворено.

Министерството за животна средина денеска предупреди дека следната недела во Пекинг, во провинцијата Хубеј и соседната Тјенцин, повторно ќе има густ смог.