Балкан
29. April 2018 - 11:52

Патријархот Кирил ќе чиноначалствува со литургија во Тирана

Патријархот московски и на цела Русија Кирил, кој вчера допатува во прва посета на Албанија, денеска, заедно со  поглаварот на Албанската афтокефална православна црква (ААПЦ) Анастас Јанулатос, ќе чиноначалствува со литургија во соборниот храм „Воскресение Христово“ во Тирана, во сослужение на свештеници од двете цркви. 

Подоцна, ААПЦ ќе биде домаќин на официјалниот ручек во хотелот „МАК Албани“. Во попладневните часови, во 18 часот, ќе се организира културна прослава во Културниот центар на соборниот храм „Воскресение Христово“, а ќе биде промовирана книгата „До краиштата на земјата“ на поглаварот Јанулатос на руски јазик.

Вечер, претседателот Илир Мета ќе организира официјална вечера во „Палатата на бригадите“.

Утре патријархот Кирил ќе има официјални средби со претседателот Мета и со премиерот Еди Рама, а пред заминување  ќе го посети и новиот манастир „Св. Влаш“ во близина на Драч и Теолошката православна академија, која се наоѓа во кругот на манастирот.

Високата руска црковна делегација вчера на меѓународниот аеродром во Тирана, под силни безбедносни мерки, беше пречекана од поглаварот Јанулатос, придружуван од членови на Светиот aрхиерејски синод.

Оваа, прва историска, посета  е од посебна важност бидејќи и двете цркви преживеаја жестоко комунистичко-атеистичко прогонство. Рускиот патријарх е многу значајна личност, која се вбројува на исто ниво со светските лидери и верски поглавари.

Поглаварот на ААПЦ, Јанулатос во посета на руската православна црква беше во 1999 година, а двајцата великодостојници ги врзува пет децениско пријателство. Од Руската православна црква Јанулатос е одликуван со признанието „За посебен придонес во зацврстување на единството на православието“ во 2008 година.