Македонија
27. јуни 2016 - 16:35

Партиски реакции за формирањето на Универзитетот „Дамјан Груев”

Пратеничката група на СДСМ смета дека со повлекувањето и повторно пуштање нов закон за формирање на Универзитет „Дамјан Груев”, кој опфаќа формирање три факултети повеќе отколку што предвидувал претходниот, ВМРО-ДПМНЕ признала дека интерпелацијата за претседателката на комисијата за образование Олга Најденовска е основана и оти работи незаконски.

- Ваквото класично шверцерско носење закон за формирање Универзитет по скратена постапка е уште една голема потврда дека на ВМРО-ДПМНЕ најважно му е да ги вдоми своите партиски војници, а воопшто не му е важно образованието во Република Македонија, истакна на денешната прес-конференција во македонскиот Парламент координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески.

Додаде дека, на ваква, како што рече, незаконската работа на ВМРО-ДПМНЕ потрошила многу пари на граѓаните за неделовнички седници на комисијата за образование.

Пратеничката група на СДСМ неодамна најави дека нема да учествува во работата на Парламентот додека Уставниот суд не се изјасни за Специјалното јавно обвинителство

 

 Со формирањето на новиот Универзитет „Дамјан Груев“ ќе се срушат монополите на одредени факултети, зголемување на конкуренцијата во Високото образование и решавање на голем број проблеми на студентите, смета ВМРО-ДПМНЕ.

- Јавната тајна дека на дел од факултетите во Скопје и дел од професорите во Скопје, постои чување на монополот, чување на фамилијарните релации и потврдената фактичка состојба со акцијата на Јавното обвинителство и МВР со која што беа уапсени видни професори од Економскиот факултет во Скопје ни дава право да кажеме дека дискусијата и дебатата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ околу новиот Универзитет „Дамјан Груев“ се сведува на дискусија и дебата дали во Република Македонија треба да го заштитиме монополот на поедини факултети и поедни професори како што се залага СДСМ или пак треба да дозволиме да ја стимулираме и да ја помогнеме конкуренцијата за која што се залага ВМРО-ДПМНЕ, истакна на прес конференција координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски реагирајќи на обвинувањата на СДСМ дека законот се носи незаконски и во брза постапка.

Формирањето на новиот Универзитет „Дамјан Груев“, додаде тој, ќе биде одговор на многу проблеми кои што ги имаат илјадници и илјадници студенти и студентки на досегашните факултети.

- Можеби тоа нема да е единствен начин како да се надминат проблемите, но не разбираме како СДСМ упорно се спротивставува на нашата идеја да ги рушиме монополите во високото образование. Ние мислиме дека концептот на конкурентност може да создаде само нови вредности. При градењето на таа конкурентност секако ќе има и проблеми и предизвици, но самиот натпревар помеѓу универзитетите ќе биде доволна причина тие да имаат желба да бидат се подобри и да запишуваат се повеќе студенти кај себе, истакна Димовски.

Додаде дека фактот оти зад Универзитетот „Дамјан Груев“ ќе стои државата со целиот свој капацитет, создава гаранција дека тој ќе биде квалитативно конкурентен.

- Не се согласувам со тезата дека ова се носи набрзина. Сакам да потенцирам дека дебатата околу формирањето на новиот Универзитет „Дамјан Груев“ во ова Собрание трае повеќе од 100 дена. Таа дебата континуирано и секојдневно паралено со седницата на Собрание се случуваше на Комисијата за образование, наука и спорт. На таа дебата беа изнесени покрај многуте неважни и политички празни дискусии, имаше и дискусии во кои што беа изнесени стотици и стотици аргументи за и против гласањето за основање на нов државен универзитет во Скопје, истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Затоа, потенцира тој, мислам дека оваа тема е апсолвирана и Собранието со целосен легитимитет и легалитет има право да ја донесе конечната одлука дали ќе биде формиран или нема да биде формиран новиот Универзитет „Дамјан Груев“.