Балкан
28. March 2017 - 12:27

Партијата ДОСТ бара поништување на изборите во Бугарија

Новоформираната партија на бугарските Турци, Демократи за одговорност, транспарентност и слобода (ДОСТ) денеска побара поништување на резултатите од вонредните парламентарни избори во Бугарија, што се одржаа во неделата.

Како што јави БТА, лидерот на ДОСТ, Љутви Местан на прес-конференција во Софија изјави дека неговата партија смета дека неделните избори не биле фер и транспарентни и дека не биле спроведени во согласност со Уставот и Изборниот закон.

- Изборите беа спроведени во услови на кршење на избирачките права на бугарските граѓани, изјави Местан. 

На неделните избори ДОСТ освои нешто над 100.000 гласови или 2,86 проценти, со што не успеа да го мине изборниот праг од четири отсто неопходен за освојување пратенички мандати.  

Во предвечерието на парламентарните избори, повеќе членови и приврзаници на бугарските националистички партии и организации блокираа неколку премини на бугарско-турската граница, спречувајќи автобуси со бугарски Турци, кои живеат во Турција да влезат во земјата и да го остварат своето избирачки право.

Организаторите на блокадите тврдеа дека превозот на бугарските Турци бил организиран од властите на Турција со цел тие да гласаат за партијата ДОСТ, која важи за блиска до турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) на претседателот Реџеп Тајип Ердоган.

Инаку, „дост“ на турски јазик значи „пријател“.