Македонија
7. August 2020 - 16:57

Партиите водат тивки преговори

Лидерски средби има, договор за нова влада се уште не. По средбата со Заев, лидерот на ДУИ, Али Ахмети вчера се сретнал и со првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Информацијата ја потврди партискиот портпарол без да открие повеќе детали.

Детали не излегуваат ниту од Бихаќка. Од таму само потврдуваат дека водат сериозни преговори кои треба да резултираат со формирање на новата Влада.

„СДСМ започна сериозни, темелни преговори со претседатели и високи претставници политички партии кои се дел од новиот собраниски состав, за нов четиригодишен полн мандат на стабилно мнозинство во Парламентот и формирање посветена Влада, која ќе се движи брзо напред по европскиот пат и патот на економијата и на правдата.

Разговараме исклучиво за формирање Влада која се грижи за сите граѓани подеднакво, ослободени од какви било етнички предрасуди или каков било национализам. “ – стои во соопштението на СДСМ.

Детали нема ни во Мала Речица. Партискиот портпарол вчера за Сител потврди дека ДУИ не се откажува од идејата за премиер Албанец.

Патот до Илинденска води преку поддршка од 61 пратеник во законодавниот дом. Согласно Уставот, по добивањето на мандатот новиот мандатар има рок од 20 дена да ја формира новата Влада и предлогот да му го достави на Собранието кое треба во рок од 15 дена да закаже седница. Седницата во согласност со собранискиот Деловник може да трае најмногу два дена а гласањето да се случи вториот ден пред полноќ, доколку претходно не се исцрпи листата на пратеници пријавени за дискусија.